Манојловски: Информирани се меѓународните претставници за кршење на човековите права

12 декември, 2017 | 14:00 часот | 436 прикажувања |

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојловски денес информираше дека овие денови пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале интезивни средби со повеќе меѓународни претставници, а воедно и со повеќе лица кои што се директно засегнати во овој процес.

„Во текот на вчерашниот ден го посетивме и Народниот правобранител каде што укажавме на нашето видување за прекршување на сите законски постапки и процедури околку начинот на кој што се води истрагата и начинот на кој што се спроведуваат сите предистражни постапки околу настаните на 27 април. Денеска имавме средба со политичкиот претставник за правни работи на ОБСЕ, Г. Џеф Били каде што директно го запознавме и му укажавме за нашите забелешки околу кршењето на човековите права на сите лица кои што се засегнати и обвинети околу настаните за 27-ми април“, рече Манојловски, додавајќи дека била искажана голема загриженост поради состојбата на еден од притворените кој што штрајкува со глад веќе 7-ми ден и за кој што имаат неофицијални сознанија дека неговата состојба не е воопшто добра.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ изразија надеж дека СДСМ, како што рекоа, ќе ги увиди своите грешки и ќе почне соодветно да го спроведуваат законот во Република Македонија, а не да го прават тоа како што го прават во моментот, а тоа е со класичен политички реваншизам, демонстрирање на сила и силување на институциите.

„Воедно ги пренесовме и нашите заблешки околу кршењето на сите правни процедури и кршењето на полициската процедура при приведувањето на пратениците без претходно да биде соодветно правно постапено, односно да не е свикана седница и не е одземен нивниот пратенички имунитет согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија“, додаде Манојловски.