Протест на вработените во железницата, сообраќајот во целосен прекин

12 декември, 2017 | 10:09 часот | 445 прикажувања |

Железничкиот сообраќај во Македонија е во целосен прекин од полноќ, поради протестот на вработените во Македонски железници АД, кои одбиваат да ги извршуваат работните задачи се додека не им биде исплатен вториот дел од октомвриската плата.

Од синоќа на полноќ не сообраќаат патничките возови, а тоа следи по блокадата на товарниот железнички транспорт што почна вчера наутро.

Утринава бил тргнат само возот од Скопје за Гевгелија, тврдат машиновозачите, а претставниците од машинскиот персонал стојат на ставот дека прекинот на железничкиот сообраќај ќе трае се до исполнување на поставеното барање – исплата и на ноемвриската плата до 25-ти декември.