Делегација на АРМ во посета на фондацијата „Херитиџ“

12 декември, 2017 | 10:01 часот | 451 прикажувања |

Делегација на АРМ предводена од НГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави во текот на вчерашниот ден оствари посета на фондацијата „Херитиџ“.

Притоа делегацијата придружувана од одбранбеното аташе на САД за Република Македонија, полковник Тимоти Бјукен, оствари средба со Лук Кофи, директор на центарот во фондацијата за надворешна политика „Даглас и Сара Алисон“.

Генералот Величковски за време на разговорите со директорот се осврнал на актуелните безбедносни предизвици во регионот, како и на искуствата на АРМ во доменот на меѓународните операции предводени од страна на НАТО, информираат од канцеларијата за односи со јавност на Генералштабот на АРМ.

Директорот Кофи истакнал дека Македонија треба да го искористи позитивниот развој на настаните за што поскоро интегрирање на земјата во НАТО-алијансата за што ја има безрезервната поддршка од фондацијата.

Во попладневните часови, во седиштето на Амбасадата на Македонија во САД, од страна на здружението „Обединетата македонска дијаспора“ (ОМД) на началникот на ГШ на АРМ му била врачена „Награда на ОМД за заслуги во службата и јавниот сервис“, додека на командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, му била врачена „Наградата на ОМД за заслуги и придонес во партнерството“.

Обраќајќи се пред присутните, генералот Креј уште еднаш го истакнал значењето на програмата за партнерство и соработката на САД со Македонија, додавајќи дека соработката ќе продолжи да се развива и да биде главниот стожер на заедничкото партнерство и постигнување понатамошни успеси.

извор: Макфакс