Во Брисел ќе се разговара за „Нова Македонија“?

12 декември, 2017 | 9:53 часот | 1.694 прикажувања |

Преговарачкиот тим на Македонија и Грција, на средбата во Брисел со медијаторот во спорот Метју Нимиц ќе разговара за предлогот „Нова Македонија“, објави грчката телевизија „Стар“.

Во прилогот објавен во централните вести на телевизијата, се нагласува дека доколку Скопје се согласи со овој предлог ќе се отвори патот за решавање на прашањето за името во првата половина на 2018 година, како што најавија и премиерот Алкесис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас.

„Стар“ наведува дека првичниот грчки предлог бил „Вардарска Македонија“, но сега се дошло до предлогот „Нова Македонија“, како што било во 1992 година во т.н. пакет „Пинеиро“, што тогаш бил одбиен.

Име со географската одредница како „Северна Македонија“ не е прифатливо за грчката страна, бидејќи, како што се наведува, не би го спречил иредентизмот на Скопје и имплицира постоење и на јужна Македонија, што не е прифатливо и за Бугарија.

Грчките медиуми денеска објавуваат и дека планираната работна вечера на Метју Нимиц со претставниците на двете земји Адемантиос Василакис и Васко Наумовски синоќа не се одржала поради лошите временски услови на аеродоромот во Брисел и неможноста на медијаторот навреме да пристигне.

Новата рунда разговори за името е планирана за денеска, по што Нимиц ќе одржи и прес- конференција во зградата на Регионалниот инфо центар за Западна Европа на ОН (UNRIC).