Најдобрите цитати од делата на Петре М. Андреевски

12 декември, 2017 | 16:49 часот | 8.353 прикажувања |

Петре Мито Андреевски (Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 – Скопје, 25 септември 2006) е македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Тој се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.

Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици меѓу кои и на:  српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски.

Во прилог прочитајте дел од најдобрите цитати од богатиот творечки опус на еден од најдаровитите македонски писатели во дваесеттиот век.

„Бев првиот иследувач на таа топла темница
неисцрпна како ѕвездите и бесцените камења
кои вечно ce празнат, a никако да ce потрошат.“

„Ти си најцелосниот душман на моите душмани
и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.“

„Убивајќи го моето срце можев да го убијам светот,
но јас веќе немав време за ништо,
оти таа ми влегуваше во мислата,
и кога мислата ја напуштав,
а секој што не знаеше да мисли на неа
можеше да остане без револуционерно минато.“

„Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш“.

(„Дениција“, 1968 г.)

„Стравот е страшен само за оние што му се плашат“.

„Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“

„И тогаш удри дождот. Господе, си мислам, ова дека секнаа очите мои, ова дека немам повеќе солзи, си мислам за дождот. И небото плаче за Ангелета мој, си мислам. Ум недоветлив, човечки…“

(„Пиреј“, 1980)

„Беше жежок летен ден во време косење. Првата машка бригада веќе косеше под патот. Откосите мирисаа на штотуку варосана соба: остра миризба што замајува, како блажена смрт. Косите с’скаа меѓу тревите, сечеа. Врвот им се појавуваше, светнуваше на сонцето, небаре јазиче од острелушена змија. Дебели откоси трева паѓаа пред нозете од косачите. Тревите се одголуваа со уплашено лице…“

„Другари и другарки, рече Јаким Доксимов, од денеска сонцето веќе не е на небото, сонцето ќе биде во нашите куќи. Умре назадната ноќ, рече, ќе умрат и сите ненародни елементи…Колку чудесно зборуваше Јаким Доксимов! Зборуваше за новото сонце и сонце му светеше во очите. Вистинско сонце.“

(Скакулци, 1983)

„Многупати ми доаѓа да ги затворам очите, така одненадеж, од добростоење ќе ми дојде да ги затворам очите. И, згора на тоа, ми иде и да се покријам преку глава и, така насамо, одново да се гледаме со смртта која честопати ми стоеше понаблиску од животот. Кога ја видов првпат во нејзината прва форма, во нејзиното престорување и присторување? Не знам точно да си одговорам, но барем имам право да поставувам прашања.“

„И маската, што е маска, не кажува дека магарето ѝ е татко. Секогаш ќе ти рече дека коњот ѝ е вујко. Така и човекот…“.

(„Небеска Тимјановна“, 1988)

„Секој понеделник, среда и петок во селото доаѓа комбито со леб. И луѓето, оние малкумина старци што останаа, се извираат од куќите. Ним им е судено да не можат да го сменат местото, како и дрвото што не го менува. Излегуваат од куќите оставајќи ги вратите ширум отворени. Во собите немаат ништо позначајно, освен трпезата, столовите и водникот со поткршените стомниња. И, се разбира, извалканото календарче во кое им се запишани имињата на умрените. Календарчето им е сета домашна библиотека“.

(„Последните селани“, 1997)

„Не се рекло напразно дека секоја жена си чува солзи само за еден човек“.

„Само убавината не може да се заобиколи. А не можеш да ја заобиколиш зашто не можеш без неа. Па, дури и кога ќе те напушти. Ја носиш со себе и кога не сакаш. И којзнае на која страна да ги отераш мислите, тие пак ќе се вратат кај неа и до неа ќе застанат…“.

„Некогаш сè ќе тргне надолу. Сè на поголема стрмница, надолница. И ќе почнете да си откривате некои недостатоци. Отпрвин – мали и безначајни, подоцна сè повидливи. Сè додека конечно не си станете сосема непожелни…“

(„Тунел“, 2003)

„Ова е сеќавање на сите што умреа од насилна смрт. Всушност, ова е сеќавање на сите оние што веќе не можат на ништо да се сетат.“

„Ќе ми ги прередат коските, си велам, и ќе ме фрлат на подот. И којзнае колкава пауза на бесознание ќе ми одредат!? Со што да си го купам животот, си мислам. Со ништо. Дали да ја ставам душата под хипотека? Знам дека нема да ми ја примат. Тие ме сакаат цел. Што ќе му прават на тело без душа? Тело без душа е како празна конзерва. Не оди. Тие се во заеднички состав, во неделива заедница. Душата не е сенка па да оди пред тебе или по тебе.“

(„Бежанци“, 2007 г.)