Рот до Димитров: Ја имате германската поддршка за ЕУ приоритетите

11 декември, 2017 | 17:56 часот | 520 прикажувања |

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров денеска остварил средба со Михаел Рот, државен министер надлежен за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

На средбата, како што информираат од македонското МНР, било изразено задоволство од добрите билатерални односи и новата динамика во политичкиот дијалог меѓу двете змеји. Димитров информирал за тековните активности и предвидената динамика за имплементација на реформите во насока на исполнување на неопходните критериуми за почеток на преговорите за членство на земјата во Европската Унија и влез во НАТО.

Министерот Рот изразил задоволство од досегашниот напредок на реформскиот процес и политиките на Владата во функција на заживувањето на македонските евроинтеграции: „Сакаме Македонија да биде успешна приказна и во 2018-та година”. Рот, се наведува во соопштението од МНР, ја поздравил досегашната соработка со институциите на ЕУ во рамки на нашиот евроинтегративен процес, потврдувајќи ја германската поддршка во исполнувањето на европските приоритети и нашите заложби за интегрирање во ЕУ и НАТО.

За време на работниот престој во Германија, министерот Димитров учествувал и на работилницата “Dialogue Series: Imagining New Paths for a Prosperious Macedonia; Euro-Atlantic Integration of Macedonia”, што се одржа во организација на Финдацијата Бергхоф, во Потсдам.