Иванов ја започна дводневната посета на Бразил, утре ќе ја отвори македонската амбасада

11 декември, 2017 | 15:04 часот | 253 прикажувања |

Претседателот Иванов на почетокот на неговата официјална посета на Федеративна Република Бразил, одржа средба со д-р Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло, најголема стопанска комора во Латинска Америка.

На средбата беа размененети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и ФР Бразил и можностите за соработка во сите сфери од заеднички интерес, особено во контекст на економската соработка и трговската размена.

Претседателот Иванов истакна дека Македонија има интерес за развој на билатералните односи со Бразил, како најголема земја во Јужна Америка, членка на БРИКС и Г20, една од најбрзорастечките економии во светот и земја која е стратешки партнер на Европската унија.

„Од интерес на Република Македонија е двете земји да ја продлабочат економската соработка и да ја зголемат трговската размена, да се овозможи директна комуникација меѓу стопанствениците од двете земји и да се разгледаат можностите за бразилски инвестиции во Република Македонија“, порача претседателот Иванов.

На средбата беше посочено на потребата од воспоставување правна рамка на билатералните односи и регулирање на договорната состојба помеѓу двете земји, особено договорите од економската област.

Претседателот Иванов го истакна отворањето на резидентна амбасада во Бразилија како јасен знак за интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката со Федеративна Република Бразил.

На средбата, г. Скаф, на претседателот Иванов му додели Орден за заслуги, високо признание што го доделува Федерацијата на индустрии на Сао Паоло.

Во рамки на посетата на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло, претседателот Иванов одржа средба и со г. Стефан Салеј, директор за депарментот за трговија и надворешни работи на ФИЕСП.