Врховен суд: Апсењето на Едмонд Темелко било законско

11 декември, 2017 | 13:22 часот | 424 прикажувања |

Врховниот суд на 6 ноември годинава донесе пресуда со која го уважи Барањето за заштита на законитоста поднесено од Специјалното јавно обвинителство, а со која е утврдено дека со решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, во однос на лишувањето од слобода на Едмонд Темелко, е повреден законот во корист на обвинетиот, соопшти СЈО.

Со пресудата на Врховниот суд е потврдено решението на судијата на претходна постапка од 12 февруари 2016 година, со која беше утврдено дека е законита наредбата на  СЈО за приведување на Темелко.

Врховниот суд смета дека Специјалното обвинителство е надлежно за случајот, дека има овластувања да издаде наредба за приведување, да раководи со предистражна постапка, да ги насочува дејствијата на надлежните органи и дека ја има на располагање правосудската полиција. „Исто така, со пресудата се укажува дека е погрешен ставот на Кривичниот совет дека наредба за лишување од слобода може да издаде само надлежен суд, туку прецизира,  дека основно право и должност на јавен обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела и да ги презема потребните мерки и дејствија“, велат од СЈО. 

На 12 февруари 2016 година, по наредба на јавен обвинител на СЈО, Едмонд Темелко беше приведен, а од судија на претходна постапка беше побарано да му се изрече притвор. Судијата утврдил дека е законито лишувањето од слобода на Темелко, меѓутоа не изрекол мерка притвор, туку мерка на претпазливост. На ова решение на судијата на претходна постапка, одбраната на Темелко поднесе жалба, а Кривичен совет на 19 февруари 2016 година ја уважи жалбата и го преиначи решението на судијата на претходна постапка утврдувајќи дека е незаконито лишувањето од слобода.