Претседателот Иванов во официјална посета на Бразил

11 декември, 2017 | 11:15 часот | 214 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска, 11 декември 2017 година, понеделник, ќе престојува во официјална посета на Федеративна Република Бразил.

Утре, 12 декември 2017 година, претседателот Иванов во Бразилија со највисоки државни почести ќе биде примен од претседателот на Федеративна Република Бразил, г. Мишел Темер.

„Во рамки на официјалната посета на Федеративна Република Бразил, претседателот Иванов ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Амбасада во Латинска Америка. За време на официјалната посета на Федеративна Република Бразил, предвидено е претседателот Иванов да оствари средби со д-р Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло и г. Едуардо Виера, претседател на Федерацијата на индустрии на Рио де Жанеиро“, информираат од Кабинетот на македонскиот претседател.

Претседателот Иванов ќе одржи предавање на тема „Европската бегалска криза – научени лекции” во Бразилскиот центар за меѓународни односи.

Инаку, ова е прва официјална посета на Претседател на Република Македонија на Федеративна Република Бразил и на Латинска Америка.