ВМРО-ДПМНЕ: Оставката на Груевски беше морален чин по поразот од изборите

11 декември, 2017 | 10:10 часот | 442 прикажувања |

Досегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој вчера поднесе неотповиклива оставка, пред членовите на Централниот комитет на партијата истакнал дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесува како морален чин бидејќи било природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштение испратено до медиумите опозицијата посочува дека Груевски рекол дека овие избори биле едни од најнерегуларните каде што имало еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Токму заради детектирање и коригирање на сите слабости, Груевски нагласи дека мора да се земе сериозно деталната анализа на изборниот резултат. Груевски побара од членовите на ЦК да биде изгласан термин за вонреден конгрес и да биде избран нов претседател и раководство кое ќе ја врати ВМРО-ДПМНЕ на власт“, се вели во соопштението од партијата.

Во дел од дискусиите кои следеле било побарано да се расправа и да се гласа за оставката на Груевски, меѓутоа со оглед на тоа што таква расправа не била предвидена во правните акти на партијата, на гласање било ставено предлог-барањето за организирање вонреден конгрес.

„При првото гласање не беше постигнато потребното двотретинско мнозинство. Пред второто гласање од страна на претседателот Груевски беше посочено дека не станува збор за гласање ‘за или против’ него, и со дополнителни аргументи ги убедуваше членовите на ЦК да поддржат одржување конгрес. Потоа во вториот обид огромно мнозинство членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа одлуката за одржување на вонредниот 16. Конгрес во Валандово“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава дека на Комитетот било разговарано и за политичка состојба и најостро биле осудени, како што велат, политичкиот прогон и монтираните обвиненија за измислен тероризам против пратеници, уметници, глумци, режисери и полициски службеници и генерално политички прогон на функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

„ЦК на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека сите притворени мора безусловно да бидат ослободени и конструираните обвиненија против нив да бидат повлечени бидејќи ваквата политика на хунтата на власт оди на штета на државата и граѓаните и дополнително ја зоврива и продлабочува кризата“, велат од опозицијата.

Вчера централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука со којашто 22 и 23 декември 2017 година ги утврди како датум на одржување на вонредниот 16. Конгрес. Вонредниот 16. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во Валандово, а согласно со Статутот на партијата, на него ќе учествуваат 544 делегати од редовниот 15. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Врз основа на Статутот на партијата, Централниот комитет усвои заклучок согласно со кој кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, во архивата на партијата.