Мицкоски: Јас верувам дека Македонија ќе победи, секој граѓанин да постапи според сопственото убедување

12 септември, 2018 | 8:56 часот | 133 прикажувања |

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната прес-конференција од седиштето на партијата, соопшти дека опозициската партија донела одлука секој граѓанин на референдумот да постапи според сопствено убедување.

„ВМРО-ДПМНЕ по консултациите со граѓаните и по одржаните состаноци на Централниот и Извршниот комитет, донесе одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секоја индивидуа да донесе одлука која смета дека е најдобра за своето семејство и нашата мила Македонија. Македонија не е само на Мицкоски, ниту на Заев, туку на секој слободен граѓанин. Имате се пред вас и знаете што да направите. Само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум и на крајот Македонија ќе победи”, рече Мицкоски на прес-конференцијата.

„Нашата татковина е пред крстопат, а ова се историски мигови, важни за нашата заедничка иднина, но и судбоносни за опстојувањето на Македонија, онаква каква што ја знаеме, паметиме и посакуваме.„ – реле Мицкоски.

За Мицкоски и за партијата Договорот со Грција за смена на името е неприфатлив документ.

„Ние остануваме на ставот дека сме против овој Договор, затоа што веќе е апсловирано, и секому јасно дека со овој договор се менува Уставот на Република Македонија, се менува институционалниот идентитет како клучен сегмент од националниот идентитет на еден народ, една  држава,  се менуваат патните исправи, се менуваат личните документи.“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на премиерот Заев да не ја залажува македонската јавност со слогани Сега или Никогаш и го покани на дебата на ТВ дуел.

 „Почитуван претседател на владата г-дин Зоран Заев ајде заедно на дебата на ТВ дуел, затоа што имаме на маса  договор со Грција, има многу лаги и лажни очекувања, афери, корупција,  скандали, затоа што многу работи мораат да бидат слушнати, јасно и гласно. Ајде  пред граѓаните да разговараме отворено јас и Вие и искрено за сите случувања што  изминаа минатиот период за договорот, но и за сите останати теми кои што живот значат за граѓаните пред 30 септември. Овој пат почитуван претседател на владата Зоран Заев, за Македонија се работи.“