Дескоска: Не треба да постои забрана ниту за повикување, ниту за организирање бојкот на референдумот

6 септември, 2018 | 11:59 часот | 166 прикажувања |

Не постои и не треба да постои забрана во нашиот правен систем, ниту за повикување, ниту за организирање на бојкот на референдумот. Кривичното дело кое се толкуваше во јавноста како основ за забрана на организирање на бојкот на референдумот, според мене има друга смисла, друго правно битие, односно забранува друго однесување, вели во интервју за МИА министерката за правда Рената Дескоска.

Министерката додава дека лично ја загрижуваат различните толкувања на Кривичниот законик.

„Ме загрижи, на пример, толкувањето на Кривичниот законик кое беше применето во обвинението што Груевски во 2015 година го читаше за Заев дека извршил насилство кон највисоки државни функционери, т.е. извршил насилство кон него. Тогаш бев шокирана од тоа што го слушнав и од тоа дека лидерот на опозицијата се обвинува дека при разговор со премиерот во премиерскиот кабинет, со разговорот извршил насилство врз него. Се прашував колку може да е некој монструозен да може да смисли вакво толкување на Кривичниот законик и да измисли вакво обвинение“, вели Дескоска.

Таа посочува дека е застапник за либералното толкување на човековите права и мисли оти тие треба да имаат предност во заштитата.

„Секако може да дојде до нивно ограничување заради заштита на одредени вредности, но секогаш мора да се води сметка за принципот на пропорционалност и најмало ограничување на правата. Но, случајот со обвинението за насилство кон највисоки државни функционери и ова последно толкување за забрана на организирање бојкот, ме наведува на мислата дека треба сериозно да ги преиспитаме формулациите во Кривичниот законик за да внесеме правна сигурност на граѓаните и да избегнеме можност за злоупотреби од страна на органите на прогонот“, вели Дескоска.

На прашањето што доколку не се постигне очекуваната излезност. Дали враќањето на прашањето во Парламентот ќе го направи Договорот со Грција кредибилен, Дескоска одговара дека како правник гледа три можни исходи од референдумот.

„Едниот е доколку има цензус и мнозинството одговори потврдно на прашањето. Во тој случај сите институции ќе треба да ја спроведат волјата на граѓаните, а тоа значи објавување на Договорот, уставни измени и сл. Другиот е доколку има цензус и мнозинството одговори негативно на прашањето. Во тој случај, исто така, сите институции ќе треба да ја спроведат волјата на граѓаните, а тоа ќе значи повлекување на Собранието и Владата од договорот. Третиот исход е доколку нема цензус. Тоа значи дека не е донесена одлука на референдум и се остава на институциите да ја донесат одлуката. Кредибилитетот на натамошното одлучување ќе зависи од бројот на граѓани кои ќе излезат на гласање и бројот на гласови кои ќе бидат дадени за секоја од можните опции за кои ќе се изјаснуваме“, вели таа.

Целото интервју со министерката за правда Рената Дескоска МИА ќе го објави утре.

извор: МИА