Меркел, Курц и Столтенберг доаѓаат во Македонија

4 септември, 2018 | 12:57 часот | 495 прикажувања |

Во пресрет на референдумот закажан за 30 септемврви, во Скопје оваа недела во посета ќе пристигнат канцеларот на Австрија Себастијан Курц, канцеларката на Германија Ангела Меркел и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Нивното пристигнување го најави премиерот Зоран Заев кој истакна дека доаѓањето на тројцата државници е позитивен сигнал и поддршка за Македонија.

„Столτенберг ќе дојде в среда вечер по втор пат по шест месеци, австрискиот канцелар Курц доаѓа во петок, додека Меркел пристигнува в сабота. Пристигнувањето на тројцата државници е позитивен сигнал“, истакна премиерот Заев.

Доаѓањето на Меркел во сабота во Скопје, го потврди и нејзиниот портпарол Штефен Цајберт.

„И натаму работиме на програмата, но можам да потврдам дека нашиот канцелар ќе се сретне со премиерот на Македонија Зоран Заев“, истакна Цајберт.

Пораката на охрабрувањето вчера беше испратена и од високиот претставник на ЕУ и надворешни работи и безбедност, Федерика Могерини, истакнувајќи дека Македонија треба ги искористи можностите што ги нуди почетокот на пристапните преговори со ЕУ.