Украинската црква би можела да добие амин од Вселенската патријаршија

4 септември, 2018 | 12:50 часот | 91 прикажувања |

Според неофицијалните информации во грчките и во украинските медиуми, Вселенската патријаршија донела одлука да ја продолжи древната практика таа да биде промотор на новите автокефални цркви во православниот свет, нешто на што со години се противеше Руската црква, но што, секако, ѝ оди во прилог на Македонската православна црква-Охридска архиепископија

Вселенската патријаршија ја презеде одговорноста да реши едно од најкомплицираните прашања во православниот свет, а тоа е да прогласува автокефалност и да издава томос за новите црковни граници. Тоа е една од двете одлуки за кои досега во православието немаше изградено консензус, а беа донесени на последната седница на соборот на Вселенската патријаршија, одржана од 1 до 3 септември годинава во Истанбул.

Ваквата одлука, според верските аналитичари, може позитивно да се рефлектира врз признавањето автокефална црква и во Македонија, откако Македонската православна црква-Охридска архиепископија пред половина година го побара тоа од вселенскиот патријарх Вартоломеј, а тој прифати да го стави тоа на дневен ред за решавање.

Според неофицијалните информации во грчките и во медиумите во Украина, Вселенската патријаршија донела одлука да ја продолжи древната практика таа да биде промотор на новите автокефални цркви во православниот свет, нешто на што со години се противеше Руската црква.

Иако засега нема официјална потврда за ова, украинските медиуми повикувајќи се на свои информации тврдат дека Вселенската патријаршија веќе донела одлука да признае автокефална црква во Украина.

Не е познато дали таква одлука веќе е донесена и за Македонија, но доколку веста за Украина се потврди како точна, тогаш, според македонските црковни аналитичари, сосема логично е да се очекува и одлука за признавање автокефална црква и во Македонија. Вселенскиот патријарх Вартоломеј, пред почетокот на седницата со соборот, истакнал дека Вселенската патријаршија мора да остане на позициите што како црква ги имала секогаш низ вековите во православието, а тоа е да биде водилка на процесите.

„Цариградската патријаршија има одговорност да ги става работите во црковен и уреден поредок, бидејќи само таа со благослов на црквата и вселенските собори го има овој висок и вонреден долг како мајка и авторитет на црквите. Ако Вселенската патријаршија ги отфрли своите одговорности и се оддалечува од меѓуправославната сцена, тогаш локалните цркви ќе одат како овци без пастир“, изјавил Вартоломеј пред почетокот на соборот на Вселенската патријаршија.

Пред да се одржи овој собор, средба во Истанбул имаа вселенскиот патријарх Вартоломеј и рускиот патријарх Кирил, по барање на Руската православна црква. Главната цел на РПЦ беше да го убеди вселенскиот патријарх да се откаже од намерата да признае автокефална црква во Украина. Тоа дополнително ги вжешти релациите меѓу Москва и Фанар, а потоа беа разменети и серија остри изјави меѓу нив, честопати со закани дека е можен нов раскол во православието, ако Вселенската патријаршија не се повлече од намерата.

Инаку, Вселенската патријаршија, како што толкуваат познавачите на состојбите, во моментов игра многу важна улога во православниот свет преземајќи ја одговорноста за решавање на најтешките прашања. Ако таа ѝ додели томос за автокефалност на Украинската црква, тоа за МПЦ ќе значи отворен пат по кој лесно ќе се стигне до автокефалност. Ќе се смета дека истиот принцип од Украина сосема е легитимно да го примени Вселенската патријаршија и за Македонија. Според верските аналитичари, едно е јасно, а тоа е дека МПЦ нема да отстапи од барањето дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

извор: Нова Македонија