Македонците од Мелбурн и Викторија повикуваат на бојкот на референдумот

4 септември, 2018 | 12:40 часот | 764 прикажувања |

Македонците од Мелбурн и Викторија го повикуваат македонскиот народ, ВМРО ДПМНЕ, МПЦ и МАНУ на целосен бојкот на претстојниот референдум за промена на уставното име на Република Македонија.

Македонија 365 интегрално ви ја пренесува резолуцијата на Македонците од Мелбурн и Викторија:

Режимот на Зоран Заев на 30ти јули распиша консултативен референдум на кој гласачите на Македонија се повикани да се изјаснат за прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ Со вакво манипулативно, перфидно прашање режимот со обидува да ги замајува гласачите и да го прикрие фактот дека договорот со Грција изрично бара Македонија да се самоукине како држава и Македонците како народ, за да се отворат пристапни преговори за влез во ЕУ и НАТО.

Меѓутоа од првиот ред на предавничкиот и антимакедонски Преспански Договор се гледа каква е намерата на Грција и какви цели се обидува да постигне.

1 – Во Преамбулата се пишува следното: ”Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 гoд на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните.” Значи, нашите “искрени пријатели” Грците, не допуштиле ниту во првиот параграф да се спомне дури навредливата референца, а камоли зборот Македонија. И некои ќе кажат дека со ова парче хартија не имаат “признаено”.

2- Во ниту една точка на овој антимакедонски договор не пишува дека Првата страна (Грција) признава македонска етничка припадност и македонски јазик. Тука е клучен членот 7. Во член 7(2) се пишува следното за употреба на зборовите Македонија и Македонски: “Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден”. Во член 7(3) стои дека:“Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се целосно различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).” Но тука воопшто не се спомнува македонски јазик, народ, историја и наследство за разлика од точка 7(2) каде што се спомнува елинска цивилизација, историја, култура и наследство во северниот дел на Грција (Егејска Македонија). Значи се оградува и се цементира митот дека во северниот дел на Грција живеат само Елини, додека во Република Македонија (Северна Македонија според договорот) живеат луѓе со нивната “сопствена историја, култура, и наследство”, без да се именува македонскиот народ и точно кои се тие- значи безимени луѓе. Ако ова е потврда на македонскиот јазик и идентитет како што тврдат апологетите на квислиншката влада, само за тоа што индиректно овозможува Македонците во Република Северна Македонија да кажуваат дека го зборуваат македонскиот јазик и да се нарекуваат Македонци врз основа на “различен историски контекст и културно наследство” (член 7 (1), без притоа да се спомнува македонски јазик и македонски идентитет, подобро би било воопшто да не постои членот 7

(3). Со други зборови, Грција тука не презема никаква обврска да признае македонски идентитет и јазик и арогантно ни праќа порака дека можете да се викате како што сакате во вашето мало гето, но ние воопшто не го признаваме тоа и ќе продолжиме да ве ословуваме во согласност со нашите национални интереси внатре во Грција и меѓународно. Во член 7(4) пишува дека “Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.” Во ниту една прилика овде не се споменува дека Првата страна го признава постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ/етничка група, но Македонија презема обврска да признава елинска култура и во северниот дел на Грција и дека македонскиот народ зборува јужнословенски јазик. Сите знаеме дека Македонскиот јазик меѓонародно е признат како посебен, но од линвистите сместен е во групата на јужнословенските јазици, но каква е целта на ова дообјаснување кое Втората страна изрично треба да го прифати? Целта е да се релативизира и негира статусот на македонскиот јазик како посебен јазик и да се истакнува неговиот словенски корен за да се оддалечува од неговата македонска посебност и суштина како јазик и на тој начин да се потхрани ненаучната, неисториска и исклучиво денационализаторска политичка теза дека постои “Грко-македонска лингвистичка” историја и наследство.

3 – Описот на националноста (што во договорот значи државјанство, а не етничка припадност како што се трудат да не убедат пропагандистите на режимот), “Македонска/ државјанин на Република Северна Македонија”, го релативизира зборот Македонија и воведува друг вид на прикажување на државјанството кој има за цел да го убеди светот дека се работи за некоја нова, новоиспечена нација која е различна од таа која постоеше пред да се склучи овој асимитричен, едностран и изнуден со насилство договор. Обидите на режимот на Заев да го залажат македонскиот народ дека “македонскиот идентитет е загарантиран” со овој договор се деманитраат од содржината на самиот договор.

4 – Со овој договор се формира еден нов државен ентитет “Северна Македонија” и следствено на тоа нов официјален “Северномакедонски” државен идентитет кој е лоциран строго во границите на Северна Македонија. Измените предвидени со член 1(3) и (12) од договорот кои ќе задираат во Преамбулата, и на членовите 3 и 49 на Уставот, го одвојуваат македонскиот идентитет во Северна Македонија од вековниот македонски идентитет на Македонците во Егејска Македонија, како што всушност се случува и со договорот склучен со Бугарија во август 2017 год. во однос на Македонците во Пиринска Македонија. Истовремено договорот и дозволува на Грција официјално да ги присвојува и монополизира зборовите Македонија и македонски, бидејки Северна Македонија се сложува ерга омнес да го употребува новото име Северна Македонија и придавката (грчка кованица која всушност не е придавка) “На Република Северна Македонија или на Северна Македонија” ( член 1(3)(f)). Јасно е дека Македонија презема таква обврска во членовите 1(7) (8) и (9) од договорот.

5 – Нема потреба овде да се зборува за оние членови од договорот со кои што се ограничува правото на слободен говор во Македонија (членовите 3(4), 6 и 8, и се дозволува на Грција директно да учествува во бришењето и препишувањето на македонската историја по грчки вкус (член 8 и да побара да се казнуваат појавите на “иредентизам и непријателските активности” (заштита на правата на Македонците во Егејска Македонија и дури самото спомнување дека постојат Македонци во Егејска Македонија) (членовите 3(4),6 и 8.

6 – Апологетите за договорот помпезно тврдат дека името на државата нема врска со идентитетот ако се задржува правото на самоидентификација. Името на државата во голема мера го одредува и одразува идентитетот на носечкиот или мнозинскиот етнос во дадена држава. Тоа важи уште повеќе во случајот на Македонците, бидејки како народ сме биле отсекогаш негирани и асимилирани. Никаде во наметнатиот договор не пишува дека Првата страна ја признава самоидентификацијата на Втората страна, односно македонски народ, идентитет и јазик, но Втората страна се согласува дека северниот регион (Егејска Македонија) има “елински карактер”. Со официјалното признавање дека “северниот регион” е “елински” од “aнтиката до денешен ден” се бришат и остават на милост и немилост Македонците во Егејска Македонија. Затоа Грција бара да се смени името на Република Македонија и овој наметнат договор целосно и излегува во пресрет и ги задоволува националните интереси на Грција. А Македонците во Егејска Македонија се бришат целосно преку изнудената промена на името на Република Македонија и измената на членот 49 од Уставот.
Со овој црн, капитулантски договор се прави самоуништување или етноцид врз Македонците во Република Македонија, се продаваат целосно Македонците во Егејска Македонија, се признава дека Македонците се “Словени”, се прекинува било каква поврзаност помеѓу Античките Македонци и сегашните и зборот Македонија и придавката македонски официјално и стануваат сопственост на Грција. Затоа треба масовно да се бојкотира планираниот консултативен референдум. Заев, кој порано велеше дека резултатот од референдумот, иако консултативен, ќе биде обврзувачки за сите, дека нема да има ни ерга омнес, ни промена на уставот со цел да го заведува и замајува јавното мислење, сега вели дека тој и режимот ќе го занемарат резултатот ако е негативен и дека Собранието ќе решава за договорот и потребните уставни измени. Толку од неговата почит за волјата на народот!.

7 – Ние, Македонците од Мелбурн и Викторија поради антиуставниот и антимакедонски карактер на референдумот и рефередумското прашање го повикуваме македонскиот народ во Република Македонија и низ светот, особено нашите родители, браќа, сестри и роднини, ВМРО-ДПМНЕ, МПЦ и МАНУ масовно да го искажат својот револт и отпор кон овој тековен и очаен обид да се уништи македонското име, идентитет, историја и култура преку целосен бојкот на референдумот. Правото на бојкот е загарантирано со членот 7(3) од Законот за Референдум кој гласи: “(3) никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум”. Правото на бојкот беше потврдено од Венецијанската Комисија која изјави дека бојкотирање на референдум е демократско право на секој државјанин и дека немањето цензус на референдум е еднакво на гласање “против”. Искористете го ова законски загарантирано право за да го зачуваме македонското име, македонскиот идентитет и македонската држава. Затоа на 30-ти септември, одговорот на рефередумското прашање се состои од само еден збор: #БОЈКОТИРАМ.

Од Македонската заедница од Мелбурн и Викторија

фото: Фаланга