Доделена Нобеловата награда за мир за 2017 година

10 декември, 2017 | 23:21 часот | 250 прикажувања |

Денеска во Осло беше доделена Нобеловата награда за мир за 2017 година на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје.

Беатрис Фин, претседателката на Кампањата во нејзиниот говор апелираше за поддршка на Договорот за забрана на нуклеарното оружје, кој за да стапи во сила треба да биде ратификуван од 50 земји. Договорот досега е ратификуван само од четири држави.

„Договорот претставува избор – избор меѓу два краја: крај на нуклеарното оружје или крај за нас. САД – изберете ја слободата наместо стравот, Русија – избери го разоружувањето наместо разурнувањето, Велика Британија – избери го владеењето на правото наместо угнетувањето“, порача Фин и посочи дека е неразумно да му се дозволи на нуклеарното оружје да управува со светот.

„Многумина од оние кои го критикуваат нашето движење велат дека ние сме ирационални, дека сме група идеалисти изолирани од светот и дека нуклеарните држави нема никогаш да се откажат од своето оружје. Но, ние порачуваме дека сепак сме единствениот рационален избор“, истакна Фин.

Таа на церемонијата беше придружувана од Сацуко Турлоу, Јапонка која го преживеала нападот со атомска бомба на Хирошима во 1945 година и целиот свој живот го посветила на борбата за забрана на нуклеарното оружје.

Претседателката на Норвешкиот нобелов комитет, Берит Рајс-Андерсон од своја страна изјави дека главниот аргумент на Меѓународната кампања е дека се додека постои нукеларно оружје, светот нема да биде безбеден.

Во Осло на церемонијата не присуствуваа амбасадорите на земјите кои поседуваат нуклеарно оружје – Велика Британија, Индија, Кина, Пакистан, Русија, САД и Франција.