МЗТ во новата сезона влегува со модернизирано лого

28 август, 2018 | 12:06 часот | 127 прикажувања |

Шесткратниот македонски шампион, МЗТ Скопје Аеродром, од следната сезона ќе настапува со ново лого, кое ги задржува главните елементи на досегашното и кое ќе биде со модернизиран изглед.

Како што објави клубот, новиот симбол бил изработен во соработка со авивачите и истиот го задржува духот и симболиката на МЗТ Скопје Аеродром.

„Овој потег претставува продолжување по патот на темелни промени во клубот, пред сѐ во начинот на работа во однос на минатото. Наш приоритет ќе остане желбата за константна битка за трофеите на домашна сцена и достојна презентација на регионална и европска сцена, но идентична енергија ќе вложиме и во работата со талентите во младинската школа, која се надеваме во најскоро време ќе прерасне во непресушен извор на домашен потенцијал за првиот тим“, стои во клупското соопштение.

„За таа цел е и привлекувањето на што е поголем број квалитетни тренерски професионалци, нивна постојана едукација и креирање на здрава средина во која младите би учеле кошарка, но и би се издигнувале како личности. Сето ова нема да биде само поради желбата за промоција и напредок на МЗТ Скопје Аеродром, туку и на македонската кошарка во целост“.

Со ребрендирањето на логото клубот сака да означи еден нов почеток со нов начин на размислување, што ќе им биде допадливо нза сите навивачи, но и на оние што сакаат напредок на макбаскетот, без притоа да се оптоваруваат со клупска припадност.