Пратениците од внатрешноста ќе мора да патуваат секој ден до Скопје или да изнајмат стан до 400 евра

28 август, 2018 | 12:03 часот | 545 прикажувања |

Од 1 септември пратениците од внатрешноста на државата, кои не поседуваат стан или куќа во Скопје, ќе мора да одберат дали ќе патуваат секој ден до работа со свој автомобил, за што ќе добиваат надомест за гориво во висина од 20 отсто и за патарина, или ќе закупат стан за што Собранието ќе издвои средства најмногу до 400 евра, а трошоците за гориво и патарина ќе им бидат покриени само за викенд и за празници.

Овие одлуки, што беа усвоени вчера на собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата значат комплетно нов начин на покривање на трошоците на пратениците бидејќи претходниот ги чинеше даночните обврзници илјданици евра. Според пресметките на Собранието и тврдењата на пратениците со ова драстично ќе се намалат средствата за патни трошоци за пратениците. Собранието пристапи кон менување и намалување на начинот за надоместување патни трошоци на пратениците, по повеќе написи и реакции на социјалните мрежи и изнесени суми кои ги зеле пратеници како од претходните собраниски состав така и од актуелниот.

„Направени се сериозни консултации со секторот за финансии во Собранието, со сите пратенички групи, искористени се и компаративни искуства“, изјави Илија Димовски, претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седницата.