Дачиќ: Никој не нуди цело Косово да остане во Србија

28 август, 2018 | 11:56 часот | 273 прикажувања |

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека на Србија и се дава историска можност да добие нешто за своите луѓе и граѓани во Косово.

„Станува збор за тоа дали ќе добиеме нешто или се ќе изгубиме“, истакна Дачиќ за Радио телевизија Србија (РТС), додавајќи дека оваа можност може и да се одбие, но и дека „не треба да се правиме невешти, бидејќи никој не ни нуди цело Косово да остане во границите на Србија“.

Тој посочи дека дијалогот меѓу Белград и Приштина допрва ќе се води и и на него ќе се изнесуваат можни решенија.

Запрашан дали знае за што околу Западниот Балкан вчера телефонски разговарале американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел, Дачиќ рече дека е тешко да се разговара за Западниот Балкан, без да се зборува за Косово.

„Тоа стана тема за која повторно се зборува и ова е еден од најдобрите докази за тоа колку далеку успеавме да ја смениме зацементираната позиција на западните земји, бидејќи ова не беше тема за која се дискутираше во претходниот период, бидејќи западните земји сметаа дека ова прашање е решено“, наведе Дачиќ.