Што би било кога би било?

26 август, 2018 | 14:47 часот | 2.038 прикажувања |

Старата договорна максима уште од римското право гласи – pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат). Во меѓународното право, овој темелен принцип е специфициран во Виенската конвенција за договорите меѓу држави и меѓународни организации преку одредбата која во членот 26 вели „секој договор кој е во сила е обврзувачки за страните и мора да се изврши од нив со добра намера“.

Недела е убав ден за ментална гимнастика. Па, ете да претпоставиме неколку работи:

1) Референдумот за промена на уставното име на Република Македонија е успешен
2) Претседателот го потпише указот и со тоа се ратификува Договорот и тој влегува во домашниот правен систем
3) Уставот се менува според барањата на Грција од Договорот од Преспа
4) Северна Македонија пристапува кон исполнување сите останати барања во Договорот: промена на патни исправи, кршење на табли пред сите државни институции и промена на нивното име, цензурирање на учебници, промена на образовни програми, Народен театар на РСМ, Филхармонија на РСМ, Академија на науки и уметности на РСМ…

И тогаш на ред е Грција. Тогаш таа треба во своето собрание да го ратификува договорот, и да ја поддржи македонската апликација во НАТО.

Тука се судруваме со практиките од историјата, но и со непобитните факти на политичките системи.
Концептот на bona fide наспроти mala fide, како концепт на чесно договарање е длабоко вкоренет во договарањето. Страните на еден договор се очекува да пристапат кон извршување на своите обврски со добра намера (bona fide). Народски кажано, едната страна не треба да биде нечесна и да ја изигра другата страна.

„Timeo Danaos et dona ferentes“ (Се плашам од Данајците (Грците), па и кога носат дарови). Грција во договарањето со нас е позната по пристапот mala fide (со лоша намера). Па така, кога во 2008 година Македонија ја поднесе својата апликација за пристапување кон НАТО под привремената референца, премиерот на Грција Костас Караманлис ни го кажа фамозното όχι. Судот на правдата во Хаг досуди дека Грција, спротивно од обврската во привремената спогодба, нè спречила во пристапувањето кон меѓународни организации каде е членка, и дека Македонија не е виновна за иредентизам. Но џабе. Штетата беше направена од лошата намера во договарањето на Грција, тие не добија казна, ние останавме на прагот на влезната порта на НАТО.

Па така денес, кој е тој што може сега да му гарантира на македонскиот народ дека и оваа грчка влада утре ќе каже НЕ? Кој може да ѝ забрани на Грција да ја блокира евро-атлантската интеграција на Северна Македонија? Кој е тој јунак што ќе ѝ наметне санкции на Грција ако повторно ја блокира северномакедонската апликација во НАТО?

Тажно за македонските преговарачи е што дури и Ципрас и Сириза да се подготвени на bona fide во исполнувањето на својата (ЕДНА) обврска од договорот, демне еден реален правно-политички факт. Сириза нема доволна поддршка во Грција. Ципрас, оттука, е свесен дека не ужива доволна поддршка во грчкото собрание за да ја протне ратификацијата на договорот. Тој едвај собра доволно пратеници (153 од 300) за изгласување доверба на сопствената Влада по потпишувањето на договорот. За ратификација ќе бидат потребни или 151 или 180 (според различните толкувања на членовите на коалицијата на власт).

Имајќи предвид дека помалиот коалициски партнер Независни Грци е против каква било употреба на името Македонија во сложеното име и најавата на лидерот Панос Каменос дека гласањето против иницијативата за гласање недоверба не е гласање во корист на договорот, ситуацијата води кон нератификација. Каменос вети дека ќе го отфрли договорот кога ќе се донесе пред парламентот. Сириза без Независни Грци брои 145 пратеници. Далеку под потребниот праг на гласови.

Судбината на ратификацијата се компликува и со анкетите во Грција кои предност ѝ даваат на опозициската партија Нова демократија, со околу 15% пред Сириза. Иако избори пред есента 2019 не се очекуваат, Нова демократија ги има ресурсите, политичкиот моментум и авторитет да ја оствари заканата за барање за отфрлање на договорот. И тоа ќе го стори, затоа што нејзините ставови по повод договорот се јасни – неприфатливо продавање на грчките национални интереси.

Во правото ова се нарекува правна несигурност. Нешто договарате, а не знаете дали тоа ќе се оствари. Немате гаранции, немате бистар поглед, не можете да очекувате дека отстапката ќе биде пресретната со отстапка. Одите по жица која не знаете дали ќе ви ја исечат од другата страна и ќе паднете.

Во таква магла е втурнато цело едно општество од елитата на власт. Ова е таа недоветност на една лидерска тројка да договори еднакви услови, макар во процедурална смисла, за ниедна од страните да не е изиграна.

Пишува: Стефан Андоновски
Авторот е магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс, САД