Папата го осуди злоставувањето малолетници од страна на свештениците

25 август, 2018 | 18:22 часот | 414 прикажувања |

Папата Франциско денеска во Ирска остро го осуди злоставувањето малолетни деца од страна на свештеници.

Папата Франциско не заобиколуваше. Откако беше примен од страна на претседателот на Ирска, Мајкл Хигинс, тој отворено се изјасни околу скандалот со сексуално злоставување во црквата. Папата рече дека не може, а да не „го признае тешкиот скандал кој во Ирска е предизвикан од страна на членови на црквата со злоставување малолетници“.

Говорот во Даблинскиот дворец папата го одржа, меѓу останатите, и пред членови на ирската влада и претставници на црквата.

Папата го критикуваше фактот што црковните авторитети не успеале „да постапат со ова одвратно злосторство на соодветен начин“.

Ирскиот премиер Лео Варадкар побара од папата да го искористи своето влијание за да излезат на виделина „правдата и вистината“ за случаите на злоставување во католичката црква во Ирска и ширум светот. По зборовите мора да следат дела, раните се сѐ уште отворени, рече премиерот. „Ве молиме да ги сослушате жртвите и преживеаните. Знаеме дека ќе го направите тоа“, рече Варадкар.

Ирскиот министер за здравство Сајмон Харис пред посетата на папата на Твитер напиша дека се надева оти посетата на поглаварот на црквата ќе донесе „помирување и оздравување“.

Од првите обвинувања за злоставување против свештеник на католичката црква во Ирска се поминати децени. Оттогаш, повеќе од 14.500 луѓе имаат поднесено барања за обесштетување поради сексуално злоставување во периодот од 1936 до 1970 година.

Папата Франциско ќе престојува во Ирска до недела вечер. Повод за неговата посета е деветтата Католичка светска семејна средба, која од вторникот се одржува во главниот град на Ирска. Утре попладне папата Франциско би требало да одржи завршна миса со околу половина милион учесници.

извор: Дојче Веле