Најмалку тројца загинати во земјотресот во Индонезија

5 август, 2018 | 19:17 часот | 137 прикажувања |

Најмалку три лица загинале во силниот земјотрес со јачина од седум степени според Рихтеровата скала кој ги погоди индонезиските острови Бали и Ломбок.

Началникот на северниот дел на Ломбок, Најмул Акајар, изјавил дека по потресот во овој регион снемало струја и дека првично не може прецизно да ја оцени целокупната ситуација, иако ја пренел информацијата дека загинале најмалку три лица, јавува АП.

По земјотресот, беше издадено и предупредување за можно цунами, кое потоа е повлечено. Мали бранови со висина до 20 сантиметри биле регистрирани во три крајбрежни села. Властите велат дека аеродромите на двата острова работат нормално и покрај малите материјални штети, пренесе „Ројтерс“.

„Двата аеродрома функционираат нормално, а во моментов ги расчистуваме минималните штети. Некаде се паднати помали делови од таванот, но никој не е повреден“, изјавил Хенди Херјудитиаван, претставник на компанијата која управува со аеродромите.

Земјотресот накратко предизвика паника меѓу туристите и жителите на островот.

Епицентарот се наоѓал на длабочина од 15 километри во близина на северниот брег на Ломбок, каде што пред една недела беше регистриран земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, пренесе „Ројтерс“.