Во американскиот Сенат поднесена резолуција за поддршка на Преспанскиот договор

2 август, 2018 | 12:22 часот | 305 прикажувања |

Сенаторите Крис Марфи од Конектикат и Рон Џонсон од Висконсин, членови на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, поднесоа резолуција за поддршка на договорот на Македонија и на Грција, како и за осуда на мешањето од Русија.

„Историскиот договор постигнат меѓу владите во Атина и во Скопје треба да се слави како дипломатски подвиг“, изјави демократот Марфи.

„Путин нема да го запре ништо во поттикнувањето поделби меѓу земјите во Европа и на Балканот. Овој договор помага за поставување на сцената за посилни НАТО и ЕУ и сега мораме заеднички да работиме за да ѝ покажеме на Русија дека нејзиното незаконско мешање во внатрешните работи на други држави нема да успее“.

„Им аплаудирав на Македонија и на Грција за доаѓањето до договор што го решава спорот за името и ѝ овозможува на Македонија да оди напред и да му се приклучи на НАТО. Ова е позитивен развој, не само за овие две нации, туку и за регионот во целина“, додаде републиканецот Џонсон.

Зад заедничката резолуција на Марфи и на Џонсон застанаа и нивните колеги сенатори – демократите Крис Кунс од Делавара, Едвард Марки од Масачусетс, Џин Шахин од Њу Хемпшир, како и републиканците Марко Рубио од Флорида, Џон Барасо од Вајоминг и Џим Риш од Ајдахо.