Заев од Пелинце побара граѓаните на референдумот да изберат иднина наместо небиднина

2 август, 2018 | 12:17 часот | 1.969 прикажувања |

Храброста на нашите борци на кои денес им се поклонуваме е мотивот кој не води секој ден, за држава исправена пред светот. Нема подобар начин да им се оддолжиме, освен со продолжување на храбрите чекори. Време е Македонија да направи историја, забрзано да продолжи на патот кон посветла иднина. Одговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички, никој место нас нема да донесе одлука.

Ова е пораката што ја испрати денеска од Пелинце премиерот Зоран Заев, обраќајќи се повод одбележувањето на двата илиндена.

Заев апелира граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија, рече дека Договорот со Грција е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство и повика на единство, наместо на поделби.

„Да ги запреме сите поделби, да се обединиме внатре и со европското семејство за да имаме утре. Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот – 30 септември. Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознааваат вакви историски моменети, во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинствено“, напомена Заев.

Иднината, истакна премиерот, е вистинскиот избор, секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата, а со тоа и за иднината на својата земја.

„Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба да изберете. Излезете и изберете. Демократскиот избор на граѓаните мора да се почитува, нивниот став е конечен. Уверен сум дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор, дека ќе го избереме патот што води напред. Никој не може да не споре, одлучни сме и решителни Македонија да успее и ќе успее“, подвлече премиерот.

Според него, доста беше заробена држава, кринимал, корумпирано судство, купени медиуми, политичка мафија.

„Доста е небиднина, ќе избереме иднина, време е за иднина наместо небиднина. На 30 септември ќе ги одбиеме мракот, криминалот, незивесноста и изолацијата. Ве повикувам сите да кажете со гордост „да“, да кажеме „да“ за гарантирана стабилност и безбедност преку членство во НАТО, за признат и потврден идентитет, јазик и култура“, порача премиерот Зоран Заев од Пелинце.

Официјалното одбележување во Пелинце почна со интонирање на македонската химна и со положување цвеќе во Меморијалниот центар. Со премиерот Заев, во Пелинце се и владини министри, меѓу кои за внатрешни работи Оливер Спасовски и за надворешни Никола Димитров.