Референдумот за името распишан, се чека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ

31 јули, 2018 | 9:21 часот | 432 прикажувања |

Согласно со одлуката која Собранието ја изгласа вчера, граѓаните на Македонија на 30 септември 2018 ќе треба да се изјаснат за прашањето:  „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Одлуката беше изгласана без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста. Опозициската партија смета дека со тоа што е консултативен, наместо обврзувачки, се отвора можност резултатот од референдумот да се толкува како што се сака.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на социјалните мрежи се залага за бојкот на референдумот. Тој  вчера на својот Фејсбук профил  потсети на изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека доколку референдумот пропадне, ќе даде оставка како премиер.

„Референдумското прашање кое е спротивно на Законот (задолжителен, наместо консултативен, еднозначно, наместо трозначно манипулативно прашање) и спротивно на Уставот потврден од народот 1991 и Бадинтер (ЕУ) 1992 година не заслужува одговор! #Бојкотирам“, напиша Милошоски.