Димитров: Косово да ја преиспита одлуката за данокот за увоз на земјоделски производи

20 јули, 2018 | 19:12 часот | 260 прикажувања |

Воведувањето на даночна стапка за увоз на земјоделски производи, билатералната соработка меѓу Македонија и Косово, како и можноста за одржување на првата Заедничка седница на Влади до крајот на оваа година, биле дел од темите на кои денеска минстерот за надворешни работи Никола Димитров се осврнал за време на посетата во Косово.

Од прес-центарот на Министерството соопштија дека Димитров го покренал прашањето околу воведувањето на даночна стапка за увоз на земјоделски производи од страна на Косово, нагласувајќи дека оваа мерка ќе има негативно влијание врз македонскиот извоз. Министерот побарал од косовската страна повторно да ја разгледа оваа одлука, во однос на Македонија.

Во рамки на разговорите, како што соопшти Министерството, била разгледана и можноста за одржување на првата Заедничка седница на Влади до крајот на оваа година, на која се очекува да бидат потпишани повеќе билатерални договори.

На првиот ден од посетата, биле разменети мислења и разгледани можностите за унапредување на билатералната соработка, вклучително инфраструктурното поврзување во делот на енергијата и транспортот, трговската размена, културата, како и во останатите области од заеднички интерест.

За време на престојот во Приштина, Димитров се сретна со претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, претседателот на Владата, Рамуш Харадинај, заменик премиерот, Енвер Хоџај и косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли – на чијашто покана Димитров се наоѓа во дводневна посета на Косово.