Стартува новиот информативен веб портал – Македонија 365!

11 декември, 2017 | 12:30 часот | 3.284 прикажувања |

Почитувани читатели,

Од денес – 11 декември 2017 година, официјално со работа започнува информативниот веб портал – Македонија 365. Нов медиум, чија примарна задача ќе биде да придонесе за суштинско и содржинско збогатување на македонското медиумско небо и да го промовира објективното, аналитичко и истражувачко новинарство, преку навремено и точно пренесување на информации од потврдени извори. Како дел од заложбата за подемократско општество ќе биде и пренесувањето на личните ставови и размислувања за предизвиците со кои се соочува македонското општество на голем број интелектуалци од најразлична сфера на делување.

Покрај информациите за случувањата во Македонија, регионот и светот, на Македонија 365, значаен простор ќе им биде посветен на информациите за македонската емиграција од сите континенти, со цел доближување на иселениците и нивните идеи кон нивната матична земја. Интегрирањето на светогледите на Македонците дома и во светот ќе биде една од карактеристиките на медиумот, со краен исход: повеќе корисни идеи и поаргументиран став кон процесите и политиките во Македонија.

Во Македонија 365 секој ќе има можност да објавува свои научни и аналитички текстови, фото и видео репортажи, поезија, колумни, фељтони, како и друг вид на материјали. Уредништвото на порталот особено ги охрабрува младите луѓе на возраст од 18 до 35 години да се вклучат со своите прогресивни идеи и ставови за актуелностите и темите кои ги засегаат во македонското општество. Своите идеи, ставови и погледи на состојбите во македонското општество може да ни ги испратите на [email protected]

Соработници на Македонија 365 може да бидат новинари, политиколози, научници, професори, уметници, економисти, правници, студенти, средношколци, како и друг образовен профил на луѓе кои сметаат дека нивниот став е важен и вреден да се сподели пред јавноста. Можност за објавување на свое мислење под псевдоними ќе имаат и лица кои од одредени причини нема да бидат можност да се потпишуваат под своето полно име и презиме или иницијали.

Предизвикот да се создаде читан и релевантен медиум, во денешната ера на дигитална комуникација, се чини никогаш не бил потежок, дотолку повеќе што во морето на информативни веб портали треба сериозен и макотрпен труд за да се задржи вниманието на читателската публика. Како главен уредник на содржините што ќе ги читате на порталот, ве уверувам дека ќе се обидеме да го задржиме вашето внимание секој ден, преку пласирање на актуелни и релевантни информации.

Павел Донески,
главен и одговорен уредник