Мицкоски: Референдум може да има, а може и да нема

14 јули, 2018 | 15:32 часот | 320 прикажувања |

Сѐ додека не се распише, постојат многу веројатности, сите опции се отворени и да се случи и да не се случи. Сѐ до оној момент додека референдумот не биде распишан, додека не биде дефинирано референдумското прашање – сите опции се отворени, изјави денекса Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.

„Распишување на референдум го прави мнозинството во парламентот, тоа значи 61 пратеник. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во овој момент имаат 48 пратеника, тоа е помалку од преостанатите 72 пратеника. Владата, односно парламентарното мнозинство е она кое што во овој момент може да распише референдум. Реакцијата на опозицијата е само одговор на акцијата од страна на Владата. Тие се на потег, да видиме дали постои добра волја да се обезбедат фер и демократски услови за случување на еден референдум, а дури потоа кога ќе се случат предвремени или редовни парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Во однос на изборот на членови на Државната изборна комисија (ДИК) Мицкоски вели дека на тоа не смее да се гледа како на издвоено прашање.

„Тоа беше дел од еден поголем пакет кој што започна со т.н. реформски закони кои што беа усвоени уште во март, април месец ова година. Каде што опозицијата учествуваше во нивното креирање, но и понатаму во нивното усвојување кога се врати после неколку месечното отсуство од парламентот. Втора итерација во целокупната таа процедура, а тогаш веќе прифатена и договорена од страна на владата беше носењето на законот за финансирање на политички партии, и измените во законот за влада каде што треба да се дефинираат истите оние услови кои што ги имаше опозицијата за време на предвремените парламентарни избори во 2016-та година, па дури потоа на дневен ред доаѓаше формирањето на ДИК“.

Во однос на некои изјави дека ВМРО-ДПМНЕ уценува со амнестија за учесниците во немирите на 27 априллани со согласност за референдум, Мицкоски вели дека амнестијата е издвоена од целокупниот овој процес.

„Амнестијата е посебен процес во кој ВМРО-ДПМНЕ во консултација со партиските структури ќе достави закон во рамките на Собранието за понатамошно негово разгледување, нормално и ќе инсистираме на негово усвојување. Но тоа не е дел од овој пакет. Овој пакет започна со реформските закони. Потоа на дневен ред требаше да биде законот за финансирање на политички партии, измените во законот за Влада, што ќе гарантира фер и демократски услови, бидејќи видовме за време на локалните избори дека оваа Влада нема капацитет да спроведе фер и демократски избори. Понатаму дури на дневен ред ќе дојде точката за формирање на ДИК“, рече Мицкоски.