Спасовски на средба со косовскиот министер за внатрешни работи

14 јули, 2018 | 15:11 часот | 401 прикажувања |

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски денеска се сретнал со Бејтуш Гаши, министер за внатрешни работи на Република Косово.

Досегашната соработка помеѓу двете министерства е оценета како успешна, и на политичко и на оперативно ниво. Министрите разговарале за превземање на понатамошни активности за олеснување и подобрување на протокот на патници на граничните премини помеѓу двете држави.

„Интерес на двете министерства е унапредување и продлабочување на билатералната полициска соработка со цел да се зајакне борбата против организираниот криминал и другите облици на криминално дејствување“, соопштува МВР.

Министерот Спасовски ги презентирал досегашните искуства и работа на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди кои се насочени кон утврдување на непрофесионално и незаконито постапување на полициските службеници и вработените во Министерството за внатрешни работи.

Тој посочил дека Одделот соработува и со граѓанските организации и Народниот правобранител и го запознал својот колега со новиот модел на воспоставување на независен надворешен механизам за контрола над полициското работење.

Министрите се договориле во претстојниот период да се спроведат заеднички посети и средби на експертско ниво, во интерес на унапредување на постојната соработка и заедничко справување со глобалните безбедносни и сигурносни закани.