Охридските актери ја донесоа „Стаклена Менажерија“ на „Охридско лето“

14 јули, 2018 | 13:01 часот | 955 прикажувања |

Оригинална и успешна изведба на актерите од Народниот театар од Охрид кои вчера во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ја одиграа вонвременската театарска претстава „Стаклена Менажерија“ од Тенеси Вилијамс.

Охридските актери Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ –Тодороска и Филип Кипровски на сцената доловија емоционално патување низ комплексноста на семејните односи но и болен крик за големата неспособност на човекот да љуби.

„Стаклена Менажерија” е едно од најинтересните дела на славниот Тенеси Вилијамс. Тој ја отсликува својата автобиографија во односите помеѓу самите ликови во драмата.

Режисерка на оваа театарска претстава е Софија Ристевска- Петрушева која е потписник на над 30 триесет театарски претстави во институционални и независни театри низ Македонија, Бугарија и Србија.

Со ансамблот од Охридскиот театар, режисерката има соработувано со претставите „Граница”, „Валкани приказни” и „Европа”, сите три реализирани пред театарот да стане официјална, државна институција. Ристевска-Петрушева е сопственик и уметнички директор на Интимен театар во Битола.