Столтенберг: „Ова е одлука еднаш во животот, не може да ги добијат двете, не може да влезете во НАТО без да го смените името“

11 јули, 2018 | 19:42 часот | 116 прикажувања |

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Самитот во Брисел изјави дека 29-те членки на НАТОсе договориле да ја поканат Македонија да почне пристапни преговори за членство во Алијансата.

„Го поздравивме договорот меѓу Атина и Скопје. Се договоривме да ја поканиме Владата во Скопје да почне пристапни преговори за членство и штом завршат сите национални процедури да се финализира договорот за името, земјата ќе му се приклучи на НАТО како 30. членка“, изјави Столтенберг на прес-конференцијата по состанокот на Северноатлантскиот совет.

Столтенберг јасно одговори под кој услов Македонија може да стане членка на Алијансата.

„Тоа е на луѓето на ПРЈМ да одлучат, ова е одлука еднаш во животот, не може да ги добијат двете, не може да влезете во НАТО без да го смените името, јас го поддржувам договорот, јасно кажавме дека ќе ги започнете преговорите, дека треба да ги примените сите обврски од договорот со Атина, а потоа ПЈРМ ќе стане 30-та членка на НАТО под новото име Северна Македонија. Изборот е на граѓаните“.

На Самитот во Брисел присуствуваат премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров.