Заев убеден во успешноста на референдумот за промена на името

11 јули, 2018 | 10:28 часот | 163 прикажувања |

По самитот на НАТО сите политички партии ќе имаат средба во Собранието за да ги утврдиме елементите на референдумот, деталите за прашањето што ќе се постави на референдумот и за карактеристиката на референдумот, вели премиерот Зоран Заев во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Како што пренесува дописничката на МИА од Атина, Заев изрази надеж дека референдумот ќе биде успешен и ги повтори и можните датуми – 23 септември, 30 септември или 7 октомври, за, како што кажа, „да постои доволно време за да се финализираат сите процеси до крајот на годината“.

„Референдумот, знаеме дека ќе се заврши успешно и се надеваме дека сите ќе бидат мотивирани да придонесат во референдумскиот процес да има најголем успех, бидејќи е многу важен за нашата земја“, вели македонскиот премиер, во изјавата за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во однос на уставните промени Заев објасни дека се потребни од 90 до 110 дена, „па така, 15 јануари е пред нас“. Потоа, доколку процесот успешно заврши од македонска страна, „останува грчкиот Парламент да гласа за ратификација на договорот и да го ратификува протоколот за наше членство во НАТО“.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, ги пренесува изјавите на македонскиот премиер по вчерашниот самит во Лондон дека „лидерите на ЕУ и Западен Балкан едногласно потенцираа дека Договорот од Преспа и храброста што ја покажаа премиерите Заев и Ципрас се модел за решавање на најсложените билатерални прашања и дека ќе продолжат да даваат голема поддршка во имплементацијата на Договорот“.

„Со премиерот Алексис Ципрас одбравме решенија кои ќе бидат задоволителни за граѓаните и нашите општества, а не за нас самите и за нашите политички партии“, изјави Заев и истакна дека Договорот меѓу Македонија и Грција во реалноста е најдобар придонес за однесување и создавање нови пријателски односи меѓу државите и политичарите, објави грчката новинска агенција.