Германија дава поддршка за преговорите на Македонија со ЕУ

26 јуни, 2018 | 13:57 часот | 830 прикажувања |

Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, е оптимист и смета дека министрите за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург можат да постигнат договор околу преговорите на Македонија и Албанија со Унијата. Пред средбата на шефовите на дипломатиите, Рот изјави дека двете земји направиле „забележителен напредок во сферата на владеење на правото и незaвисноста на судството“ и дека поради тоа Германија дава поддршка за почеток на преговори.

„Можам само да апелирам уште еднаш до нашите пријатели во Холандија и Франција да не му стојат на патот на неопходниот консензус“, изјави Рот пред денешната средба во Луксембург. Рот, изразувајќи оптимизам дека е можен договор, нагласи и дека Германија предложила компромис: „Можеме да изразиме одредена загриженост и да ставиме јасно до знаење дека особено Албанија мора да исполни извесни предуслови за отворање на преговарачките поглавја“, изјави тој.

Холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, им оддаде признание на двете земји за направениот „важен напредок“, но додаде и дека тие сѐ уште не се на целта. „Сакаме да видиме резултати во борбата против корупцијата и владеењето на правото најбрзо што е можно“, изјави Блок во Луксембург.