Коѕијас: Европа мора да го испочитува дадениот збор кон Северна Македонија и Албанија

25 јуни, 2018 | 15:18 часот | 1.124 прикажувања |

Земјите од ЕУ мора да го одржат својот збор и да ги отворат преговорите за пристап на Македонија и Албанија на самитот од 28 до 29 јуни, вели грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас. Тој во интервју за бриселскиот портал Euractiv, изјави дека ваквиот потег ќе придонесе за стабилност на Балканот.

Додава и дека отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе им помогне на двете земји за ефикасно решавање на внатрешните проблеми и дека во спротивно би можел да биде загрозен постигнатата зпогодба за името.

Коѕијас, кој сега постојано го користи терминот ‘Северна Македонија’, иако Европската комисија и натаму го користи називот ‘ФИРОМ’, во интервјуто што го даде во Луксембург пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, рече дека Балканот, заедно со Грција, треба да оди напред кон заедничка европска иднина.

Притоа укажа на разликите кои „важни“ држави од ЕУ ги имаат во врска со прашањето за проширување на Унијата и додаде дека Северна Македонија и Албанија ќе бидат високо на агендата на министрите за надворешни работи.

„Сакам да ги повикам сите страни да сфатат дека постојат реални проблеми во овие земји, но дека процесот на пристапување ќе им помогне ефикасно да ги решат“, изјави Коѕијас. Тој, исто така, рече дека им порачал на партнерите во ЕУ да бидат строги, но да не ја блокираат европската перспектива за Македонија и Албанија.

„Се плашам дека ако Северна Македонија не добие датум, сите напори, сите жртви и компромиси од двете страни, можат да бидат загрозени. Исто така, ако една од двете земји ги започне преговорите и, на пример, Албанија, остане настрана, тоа ќе доведе до нестабилност во регионот“, вели Коѕијас.

Грчкиот министер додава и дека ако некои земји имале нерешени прашања со Северна Македонија и Албанија, требало тоа да го кажат досега, а сега кога е веќе тука извештајот на Комисијата за напредокот и предлогот за почеток на преговори, како што вели, Европа мора да го одржи зборот.

„Германија треба да биде поотворена за предлозите на Макрон (за реформа на ЕУ)… Од друга страна, Франција треба да го поддржи отворањето на преговорите земајќи го предвид позитивното расположение кое Берлин, најверојатно, ќе го покаже“, истакнува Коѕијас.

Грчкиот министер посочи дека на почетокот замерки околу Северна Македонија и Албанија имале Данска, Белгија, Холандија и Франција, но дека некои контрадикации имало и во политиката на Германија, предводена од Ангела Меркел, поради несогласувањата во владејачката коалиција во која се бара внимателност при одлуките за мерки кои се однесуваат на трети страни, како и за прашањата поврзани со миграцијата.

Потсетувајќи дека Франција не е задоволна од тоа како се одвива дебатата за иднината на Европа, Коѕијас смета дека од клучно значење е да се изедначат ставовите на Франција и Германија со цел да се избегне нарушување на стабилноста на Балканот.