По тригодишен „пост“, нова рунда преговори за името на Македонија

10 декември, 2017 | 18:34 часот | 221 прикажувања |

По тригодишна пауза, од утре почнува новата рунда преговори во Брисел за разликите околу името меѓу Македонија и Грција, со посредство на медијаторот Метју Нимиц. Средбата, како што најави канцеларијата на Нимиц, е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете страни да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето на името.

Македонскиот премиер Зоран Заев во повеќе наврати изјави дека треба да се направи исчекор и оти сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение со Грција. Во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, Заев истакна дека треба да се најде решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни.

„Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Таков е компромисот. Но, верувам дека како политичари, можеме да добиеме повеќе, ако имаме храброст да најдеме решение и да донесеме одлука, отколку да го одложуваме, како што беше случај во минатото“, изјави Заев.

Во однос на спектарот отстапки што е подготвен да ги направи, но и за тоа дали се согласува со промена на името на аеродромот, македонскиот премиер вели „дека е јасно оти е полесно да се промени името на еден аеродром отколку името на земјата“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, очекува позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија во 2018 година доколку, како што вели, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.

„Ако тие се откажат од реториката и изјавите дека се тие единствените потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение. Во таков случај јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива, безбедност и сигурност на соседната земја“, порача Ципрас вчера од Белград по средбата со неговите колеги од Србија, Бугарија и Романија.

 

Поддршка за надминување на спорот стигна и од бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој посочи дека сите заедно треба да и помогнат на Европската Комисија и на Брисел за да донесат правилни одлуки, а не да поставуваат ултиматуми.

извор: Макфакс