„БЕЗИЗЛЕЗ“ – излез во културното живеење на градот

21 јуни, 2018 | 18:25 часот | 1.365 прикажувања |

Синоќа во Охрид, во двочасовна спонтана и опуштена атмосфера во Охрид се одржа несекојдневен, редок книжевен настан: промоција на неколку книжевни дела на младата охридска писателка, м-р Маре Ристеска.

Пред преполнетата сала и тераса на ресторанот „Лихнидос“, беа промовирани драмите „Фортуна“, „Деспина ќе ја грабиме никој да не знае“, „Суд за морални вредности“, „Македонска весела свадба“, како и романот „Безизлез“, романсиерско првенче на амбициозната и плодотворна писателка Маре Ристеска која своите творечки години и книжевни приказни ги живее паралелно во Македонија и Европа.

За нејзините дела говореше познатиот македонски писател и ректор на Универзитетот за визуелни уметности, драматургот и поранешен амбасадор во Франција, професорот д-р Јордан Плевнеш, кој искажа особена чест да ја промовира младата охридска писателка и, како што рече, таа за него претставува една чудотворна појава на охридското и македонско книжевно небо која го презентира и пропагира женското писмо.

Заблагодарувајќи се на професорот за неговата поткрепа и поттик во пишувањето, авторката Маре Ристеска истакна дека, таа во суштина како автор е измислена токму од нејзиниот ментор Јордан Плевнеш.

Притоа, Ристеска ги покани присутните да ги прочитаат нејзините дела во кои главен столб околу кој се ткаат приказните е жената со сите свои пороци и чувства, жената која е, во сушност, причина за сите машки приказни.

Говорејќи за своите ликови и општеството во кое тие живеат и суштествуваат, таа го изрази нивниот гнев за едно општествена состојба во која, на секој чекор, владеат неморалот, неправдата глумата и лицемерието.

Промоциајта на делата на Маре Ристеска беше збогатена со сценски извадоци од нејзиите дела, како и со музички и драмски илустрации во кои учествуваа младите охридски актери Јован и Јована, како и младите музичари од охридската група „Сарај“.

Публиката имаше можност да си ја збогати својата домашна библиотека со по еден примерок од двете промовирани книги, а со потпис и посвета од нивниот автор.

Македонија 365                                                                                                                        Дим Дон