„Фронт 24/42“ бара запирање на сите градби покрај Охридското Езеро

21 јуни, 2018 | 13:23 часот | 1.012 прикажувања |

По повод Денот на Охридското Езеро еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ испрати отворено писмо до пратениците во кое се бара мораториум за инфраструктурни проекти во единственото светско природно и културно наследство во Македонија и доследно спроведување на Законот за управување со Охридскиот Регион.

„Ви ги предадовме картичките со кои над 8.000 граѓани побараа мораториум за инфраструктурни проекти и доследно спроведување на Законот за управување со Охридскиот Регион. Денес, точно една година подоцна, на истиот ден посветен на нашето најголемо природно и културно богатство, ви се обраќаме повторно – со истото барање и уште поголема загриженост. Тоа што најмногу не загрижува е евидентното избегнување на клучната мерка за спас на единственото УНЕСКО-подрачје во нашата земја – итно стопирање на деструкцијата на исклучителните универзални вредности, односно спроведување на приоритетната препорака бр. 6 на Реактивната мониторинг-мисија: прогласување мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации, барем додека не се завршат и спроведат сите релевантни документи. Спроведувањето на оваа мерка ја налага националното законодавство и за неа не се потребни никакви финансиски средства, човечки ресурси, време, итн. – потребна е само политичка волја“, се вели во писмото.

Според невладините, во изминатата година, од последната одлука на Комитетот за светско наследство до денес, Управниот одбор на НП Галичица со одлуката за прекин на постапката за менување на планот за управување го направи единственото конкретно реализирање на една од 19-те препораки на Мисијата. Другите чекори, како формирање работна група за измени и дополнувања на Законот за управување со Охридскиот Регион, одлуката за спроведување стратешка оцена за влијанието врз животната средина на планот за управување со заштитеното подрачје, имаат потенцијално големо значење за исполнување дел од препораките на УНЕСКО, но во отсуство на клучната одлука за итен мораториум, овие активности имаат и голем потенцијал да бидат залудно потрошени финансии и изгубено драгоцено време.

„Сакаме да укажеме на фактот дека истовремено, додека дел од институциите се посветени на документите, некои од нив спроведуваат и активности што се во спротивност со препораките на Мисијата и последната одлука на Комитетот за светско наследство: во февруари 2018 Владата усвои информации што јасно покажуваат планови за продолжување на дел од постојните проекти, како и за нови крајбрежни трансформации; во јуни 2018 на италијанско-македонскиот бизнис-форум премиерот покани италијански компании да инвестираат во постојниот проект за Коридорот 8 за кој Мисијата има дури три препораки со кои се бараат суштински измени на трасите.

Во јуни Министерството за транспорт и врски објави нацрт-стратегија за транспорт за периодот 2018-2030, во која не се внесени гореспоменатите препораки 1, 2 и 3 за Коридорот 8; а општините Струга и Охрид и понатаму дозволуваат градежни зафати, како трансформации на струшкото крајбрежје, хотелот во Лагадин, итн.“, се укажува во писмото.

Во него се додава дека не случајно УНЕСКО препорача прво итно спроведување мораториум, па потоа завршување на планските документи, препорака чие значење повеќепати беше истакнато од страна на претставникот на регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, Синиша Шешум, на министерската средба на 6 јуни во Охрид. „Не само што недвосмислено истакна дека доколку не се спроведе оваа итна препорака останува опасноста Охрид да се најде на листата на светски наследства во опасност, Шешум ги извести македонските власти дека со тоа се загрозува и доведува во прашање тековната номинација на албанската страна на езерото за светско наследство. Она што можеше да се види од презентацијата на Шешум е поразителниот факт дека деструкцијата на исклучителните универзални вредности во Охридскиот Регион започнува во деведесеттите години на минатиот век и зема драматичен замав од 1998 наваму – сè до состојбата во која се наоѓа денес. Со други зборови сите генерации од почетокот на цивилизацијата (Охридското Езеро постоело илјадници години пред да се населат првите луѓе на европскиот континент) до независна Македонија го чувале, негувале и предавале на своите потомци ова исклучително и уникатно богатство на целиот свет – ние сме единствените што си го уништуваме највредното и доколку не запреме веднаш, може да им го одземеме на сите генерации што доаѓаат по нас“, се вели во писмото.

Невладините апелираат и бараат од пратениците да усвојат суштински заклучоци од надзорната расправа за Законот за управување со Охридскиот Регион и спроведување на препораките од УНЕСКО – заклучоци што недвосмислено ќе им наложат на сите засегнати институции итно спроведување на сите препораки започнувајќи од приоритетните: мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации и справување со илегалните градби. „Тоа е ваша законска и историска обврска кон сите сегашни и идни генерации во Македонија, но и должност кон целиот свет“, укажуваат од еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.