Погреб на Библиска Македонија

17 јуни, 2018 | 21:45 часот | 2.179 прикажувања |

Ова не смее да се случи! Ова не смее да  ѝ се случи на мојата земја, на мојата татковина Македонија! Ова е и повеќе од погреб за Македонија, за македонскиот народ, за Македонците, каде и да се!

Кога ќе помислам дека со милениуми сме биле чувари на името и преку вековни ропства и во монструозни окупации и во верски и во етнички туѓи чизми сме опстоиле, денес, се срамам од овие наши денешни раководители кои со неподнослива леснотија решиле да се самоуништат и да не’ уништат до срж, до идентитет. Продавајќи ја својата душа на ѓаволот, ни го продаваат најсветото – татковината – и името библиско Македонија! За пет пари, за триесет сребреника, за грст долари!

Ни велат дека тоа е патот до Европа, до онаа иста Европа, вавилонската, која веќе е наш докажан уништувач од Версај, Букурешт, Брисел… Ни велат и тоа ни го продаваат како успех, дека новото име Северна Македонија ќе значело зајакнат македонски идентитет и држава со имотен лист во катастарот на држави!Какво слепило, каква опиеност од лажните понуди и придобивки, од евролижавчињата кои ни се нудат на излогот на Европската Унија и тоа не веднаш, туку по 10-15 години(?!) А ќе постои ли дотогаш причина за да се сојузиме со нашите непријатели, со нашите, божемни европријатели!?

Денес, почитувани мои, се случи со милениуми неочекуваното, со милениуми невозможното: Смртта на Македонија и Нејзиниот Погреб кој се обзнани во задпреспанското Нивици, а се прослави, замислете, во нашето Отешево! Нашите денешни раководители замезија за смртта на Македонија, на Библиска Македонија! Па, зарем има поголем грев од тоа што денес го направија премиерот и министерот за надворешни работи на сѐ уште нашата со устав и во устав запишана Република Македонија и признаена под тоа име од 130 земји од светот? Па, зарем има поголем грев од тоа по своја волја да се откажеш од милениумското име и од името Македонија за која гинеле илјадници македонски дејци и јунаци?!

Со каков образ, со каква муцка, премиерот ќе испрател циркуларно писмо до 130 држави кои сме ги молеле да нè признаат под светото име Македонија денес ним да им кажеме дека сме Северна, дека сме никој и ништо и како такви да нè знаат и признаат! Господе, Боже, прости им, не знаат што прават! Грев прават и срам ни прават нам на сите нас!

Срамен е овој денешен т.н.договор во кој ние сме само Втората страна, а тие Република Грција! Срамен е овој договор во кој без анестезија при здрав (не)разум се откажуваме од милениуми постоење за да бидеме само словени со јазикот на кој зборувале задкарпатните! Срам е најголем да се откажеме од најголемиот меѓу најголемите Македонци, од Александар Македонски, кој за Грците беше само еден незгоден Варварин од Север! И ете, каква ли иронија , денес веќе нè прекрстуваат во Северна, а можеби ќе беше и поверодостојно да нè наречат и Варварска, да,ВАРВАРСКА, а не Вардарска!) , токму по Варваринот од Север, Александдар Трет Македонски!

Срам, ести најголем срам за сите нас како Македонци што и ние денес дозволивме да нè водат слепци во провалијата наречена Европска Унија – без македонското име, без македонскиот лик и образ! Срам за сите нас кои дозволивме да бидеме зомби и живи мртовци од кои ќе се срамат и коските на предците и семето на неродените Македонци!

Но, сме биле силни во вакви премрежја, во вакво зловреме! И посилни сме излегувале, зашто тоа за кое треба да се тажи, нас повеќе мора да не снажи! И денес, на овој нивни погреб за Македонија, ние мора да застанеме простум и гордо над Нивниот Договор со Ѓаволот и да го испланираме нашет Воскресување, нашето Востание за уште една победа на Македонија над светот и на векот кој ни го крадат тие истите, евромешетарите и евроамериканските чувари на нестабилноста.

Македонија мора да победи, зашто предците таков аманет ни оставија! Зашто неродените деца на нашите деца таква Македонија очекуваат! Зашто Македонија е света светост и во Библијата запишана, а Библијата е неуништива! Од искони за навек! Таква мора да остане и Македонија! Библиска и Вечна со Вечно име: Република Македонија! По секоја цена!

Maкедонијо, над овој гроб не тажи!Ќе има уште Илиндени – само да има МАЖИ!

 

 

 


Пишува: проф. Димче Донески

Авторот е претседател на здружението „Родољуби Свети Илија“