Стерјовски: Новиот закон за малцинства во Албанија не ги решава проблемите на македонската заедница

9 декември, 2017 | 21:32 часот | 1.912 прикажувања |

Денеска во Тирана, грчката партија во Албанија, Партијата за човекови права, по повод 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права, организираше тркалезна маса на тема „Законот за заштита на националните малцинства, де факто, чекор назад за почитување на нивните права“. Учествуваа преставници на грчката, македонската, влашката, ромската и египќанската заедница во Албанија, како и преставници на странските амбасади во Тирана.

Како што истакнува Васил Стерјовски, активист за правата на Македонците во Албанија, преставницте на малцинствата биле едногласни дека со усвојувањето на „Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија“ не се почитуваат правата на малцинствата, ниту се земени предвид препораките на Советот на Европа и побараа меѓународна подршка со цел албанската влада да го измени законот, каде би се прифатиле препораките на малцинствата.

„Во моето излагање, во името на македонската заедница, истакнав дека сите малцинства во фазата на изработка на овој закон дадовме свои предлози, но тие не беа прифатени и се донесе еден закон што не е во духот на препораките на европските институции. Очекуваме да бидеме дел од фазата на изработката на законските одредби со кои ќе се овозможи спроведување на овој закон, но можеме да заклучиме дека најголем дел од правата што произлегуваат од овој закон ќе се применуваат само во малцинските области признати од комунистичкиот режим и со новата територијалната реформа од 2014 година само во три општини Пустец, Дропул и Финиќ, а не на целата територија“, вели Стерјовски.

Посочува дека не биле прифатени барањата за загарантирани места во албанското собрание за малцинствата, матичните служби да издаваат документи каде ке биди впишана и националноста на секој член од малцинствата, обезбедување образование на мајчин јазик за преставниците на малцинствата во предучилишното, основно, средно и високо образование, на целата територија на Албанија.

Малцинствата во Албанија бараат и обезбедување на посебен буџет за развој на областите каде што тие традиционално живеат, со цел подобрување на условите за живот, во единиците на локалната самоуправа каде што припадниците на малцинствата изнесуваат помалку од 20%, советите на локалната самоуправа да одлучаат дека нивниот јазик и писмо треба да бидат во еднаква официјална употреба, припадниците на националните малцинства да имаат право за застапување во извршните структури и вработувањето во јавните служби, вклучително и полицијата и друго.

„Законот за „Заштита на националните малцинства во Република Албанија“ за македонската заедница не ги решава проблемите со почитување на основните човекови права на целата територија на земјата. Исто така, овој закон ѝ создава големи проблеми на македонската заедница со признавањето на измисленето бугарско малцинство, откако Бугарија се закани дека ќе стави вето на членство на Албанија во Европската Унија. Ние како македонска заедница сме против негирањето на правата и слободите на секој поединец, граѓанска група или заедница, но не можеме да прифатиме, денес во 21 век, да се применуваат политики од 19 век, за негирање на македонската нација“, порачува Стерјовски.

Според него, во Албанија, во согласност со сите историски факти, пописите реализирани во текот на годините, во областите Преспа, Голо Брдо и Гора каде што Бугарија бара бугарско малцинство, има малцинство кое е декларирано за македонско, кое има ист фолклор, традиција и јазик со македонскиот народ, живее во компактни области на граница со Македонија и има територијален континуитет со Република Македонија.

Како што додава Стерјовски, признавањето со овој закон, на непостоечко бугарско малцинство во Албанија, покрај тоа што е научна и историска деформација, исто така е сериозна провокација, создавајќи непостоечки реалности и вештачки ни создава многу проблеми со Бугарија, која цели на негација на македонската заедница во Албанија.

П.Д.