СДСМ смета дека со Договорот Македонија се издигнала над политиките на изолација и поделби

17 јуни, 2018 | 19:56 часот | 677 прикажувања |

Македонија се издигна над политките на изолација и поделби, идентитетот е загарантиран, македонската иднина обезбедена. Ваква порака испрати владејачката СДСМ, по потпишувањето на Договорот со Грција.

„Преку Договорот се отвораат перспективите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Ја обезбедуваме македонската иднина, стабилноста, сигурноста, економскиот развој и подобриот живот на сите наши граѓани. Денеска е потпишан Договор којшто обединува и гради пријателство. Конечниот Договор за решавање на спорот со Грција еднаш засекогаш го обезбедува и гарантира нашиот, македонски идентитет, кој веќе никој нема да може да го оспорува или негира. Македонски јазик, македонци, Македонски, Македонец, Македонка, се обезбедени еднаш засекогаш“, се вели во соопштението на СДСМ.

Партијата вели дека Македонија веќе нема генерации за губење и затоа за овој Договор граѓаните ќе го имаат последниот збор.

„На референдум, согласно законите и Уставот, граѓаните ќе кажат ДА за обезбеден и гарантиран македонски идентитет, ДА за целосна интеграција во ЕУ и НАТО, ќе кажат ДА за македонската иднина“, вели Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.