Договорот ќе се потпише во Преспа, сѐ уште не се знае на чија територија

15 јуни, 2018 | 14:29 часот | 1.076 прикажувања |

Сѐ уште се противречни информациите за тоа кога и каде ќе се потпише Договорот меѓу Македонија и Грција со кој треба да се стави крај на деценискиот спор за името. Засега, извесно е само дека потпишувањето ќе биде викендов.

Грчкиот весник „Катимерини“ објави дека договорот меѓу Македонија и Грција ќе се потпише во недела во Преспа, на македонска територија, и дека, неофицијално, сведок на потпишувањето, покрај медијаторот Метју Нимиц, ќе биде и првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг.

„Во Преспа, покрај премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас и шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас, ќе биде и медијаторот од ОН, Метју Нимиц, а на потпишувањето се очекува да бидат присутни и првиот човек на ОН, Антонио Гутереш и шефицата на европската надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини“, објавија дел од грчките медиуми.

Присутни на чинот ќе бидат и двајцата премири, Заев и Ципрас.

Македонската информативна агенција (МИА), пак, јавува поинакви информации: дека Договорот ќе се потпише во Преспа на грчка територија, а потоа ќе следи ручек на македонска страна.

„Дел од грчките медиуми утрово објавија дека договорот ќе биде потпишан во Преспа во Македонија, друг дел пак тврдеа дека потписите ќе паднат на грчка страна. Но, според информациите на МИА, Никола Димитров и Никос Коѕијас, постигнатиот договор, во присуство на премиерите на двете земји ќе го потпишат во Грција, по што заедно со гостите ќе преминат на македонска територија и ќе следи заеднички ручек. Без да постои официјална потврда, потпишувањето најверојатно ќе биде утре“, пренесе МИА.

извор: Независен.мк