Во Велес почнуваат 55. Рацинови средби

14 јуни, 2018 | 9:28 часот | 821 прикажувања |

Во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес вечер свечено ќе бидат отворени 55. Рацинови средби.

На отворањето на манифестацијата ќе има меѓународен поетски митинг, обраќање на градоначалникот Аце Коцевски, настап на Камерниот црковен хор „Св. Пантелејмон“ и концерт на Влатко Стефановски. Беседа за Рацин ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска.

Пред официјалното отворање, попладне ќе биде положено цвеќе на Спомен-костурницата, ќе биде оддадена почит пред споменикот на поетот Кочо Рацин на плоштадот во Велес, ќе биде промовирана поштенска марка со ликот на Рацин и ќе има изложба со портрети од поетот на сликарот Ангел Петров.

Манифестацијата ќе заврши утре кога ќе опфати уште неколку настани – меѓународна конференција на тема „Унапредување на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик – Рацин и македонскиот јазик“ во организација на Советот на македонскиот јазик.

Учесниците утре ќе ја посетат Спомен-куќата на Рацин каде што ќе биде промовирана книгата „Влогот на Конески во Рацин“ од проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ.

Средбите ќе завршат утревечер во Велешкиот театар со врачување на наградите на годинашните добитници: Игор Станојоски доби Рациново признание за романот „Диссомнии“, Почесно Рациново признание добија авторките на Хрватско-македонскиот речник – Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев-Оливер од Хрватска, а наградата „Антологија на болката“ за електронска објава ќе ја добие Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед“.