Честитки од Могерини и Хан, за историскиот договор кој го постигнаа Заев и Ципрас

14 јуни, 2018 | 8:45 часот | 404 прикажувања |

Сесрдно им честитаме на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за нивната определба и лидерство во постигнувањето на овој историски договор меѓу нивните земји, што придонесува за трансформација на целиот регион на Југоисточна Европа. Ова достигнување им припаѓа на лидерите на двете земји и нивните тимови, но првенствено им припаѓа на сите граѓани на двете земји и на Европа како целина, се вели во заедничката изјава на еврокомесарите за надворешна политика и за проширување Федерика Могерини и Јоханес Хан, на постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција.

Перспективата на Европската унија за Западен Балкан, неодамна потврдена на Самитот во Софија, останува најмоќната стабилизирачка сила за регионот, сметаат Хан и Могерини, истакнувајќи го интересот и одговорност таа добро да се искористи. Тоа според нив беше, исто така, клучен поттик за овој договор, во духот на добрососедската соработка.

Претседателот на Европскиот совет Доланд Туск им честиташе на „Твитер“ на премиерите на Македонија и на Грција за постигнатиот договор.

„Ви благодарам што невозможното го направвите возможно“, напиша Туск на „Твитер“.

Според грчки извори најверојатно договорот ќе се потпише на 16 јуни во Преспа.

Предвидено е договорот да го потпишат шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во Преспа ќе допатуваат и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Во зависност од тоа како ќе помине средбата на Ципрас со лидерите на политичките партии во Грција и неговото обраќање во парламентот, можно е потпишувањето да биде одложено за в недела, 17 јуни.