Заев го претстави името Северна Македонија како „достоинствено решение“

12 јуни, 2018 | 19:16 часот | 2.925 прикажувања |

Република Северна Македонија (Republic of North Macedonia, на англиски) е името за севкупна употреба кое го договориле премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Премиерот Заев на прес-конференција во Владата на обраќање со членовите на Владата информираше дека е постигнато достоинствено решение за името – Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба, кое ќе се прецизира со амандман во Уставот.

„Националноста е македонска/ граѓани на Република Северна Македонија. Со решението го јакнеме идентитетот македонски. Македонскиот јазик и народ ќе бидат заштитени и зајакнати еднаш и засекогаш. Нема веќе ФИРОМ, нема веќе договори во кои се избегнува македонскиот јазик. Свои сме на своето и коченчно тоа е признато од сите наши соседи. Ќе се зајакне културниот идентитет, нашата придобивка е огромна, ветува стабилна и проперитетна иднина на нашите граѓани“, рече Заев.

Договорот ќе биде презентиран пред сите релеватни фактори во државата.По ратификацијата на договорот во Грција ќе испрати писмо до Генералниот секретар на НАТО со кој ќе го извести дека нема спор и дека нема пречка за да добиеме покана за НАТО. Писмо ќе биде испратено и до Европскиот совет, со цел да се добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Ако Грција не го ратификува договорот, постапката за преговорите се враќа од почеток.

Заев вели дека во договорот е предвидено наесен да има референдум и граѓаните да се изјаснат околу предлогот за името.

„Се осмеливме затоа што не ни беше сеедно, не сакаме порази, туку победи. Се определивме за иднина, за тоа имаме успех, имаме историско вековно решение. Решавајќи го спорот градиме пријателство меѓу двете земји и двата народи кое никогаш не било поголемо. Во нашите раце е клучот за европската перспектива во задницата на европските народи, за заштита на идентитетот и иднината на македонските граѓани. Решаваме спор за да ја извлечеме земјата од стегите на изолација“, рече Заев.