Двајца обвинети за нападот против Села признаа вина

11 јуни, 2018 | 12:53 часот | 857 прикажувања |

Обвинетите Цејо Горгиевски и Стојан Павловски признаа вина во судската постапка за случајот насилство за нападот врз Зијадин Села. Обвинетиот Павловски пред судот рече дека признава вина и дека не можел да ги негира снимките и откако тие биле пуштени во судиница, не може да каже дека не бил виновен.

На минатото рочиште обвинителот во овој случај, Дарко Јакимовски им го предаде изменетото обвинение на судот и на одбраната.

Со измените, за кои клучна беше новата снимка што како доказ ја презентираше Обвинителството, Сашо Сенков е ослободен од обвинение, а за двајца обвинети, Цејо Горгиевски и Стојан Павловски делото обид за убиство е преквалификувано во полесно дело, насилство.

Ја признавам вината, го разбирам обвинението, рече Георгиевски.

Неговиот адвокат Дончо Наков побара, согласно новото обвинение, постапката против Цејо Георгиевски да се одвои.

И обвинетиот Стојан Павлевски, рече дека го разбира новото дело за кое се терети, и дека по дадените видео докази се чувствува виновен.

„Ја признавам вината. Се чувствувам виновен за делото за кое се теретам“, рече Павлевски.

Двајцата обвинети кажаа дека свесно и доброволно ја признаваат вината.

За останатите седумина обвинети останува истото кривично дело обид за убиство.

Откако обвинителот ги презентираше измените на обвинението на еден од обвинетите, Александар Јаневски – Тошта за кого остана истото дело, му се слоши и заврши на реанимација на Клиниката за кардиологија.

Поради неговата здравствена состојба судот му ја замени мерката притвор со куќен притвор.

извор: МКД.мк