Од утре и официјално почнува битката за нов челник на ВМРО-ДПМНЕ

9 декември, 2017 | 20:34 часот | 338 прикажувања |

Оставката на досегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски утре на пладне треба и формално да биде потврдена на централниот комитет на партијата и да биде свикан вонреден конгрес, кој според потврдени информации ќе се случи на 23 декември во Валандово.

Груевски е челник на моментално најголемата македонска политичка партија од мај 2003 година, по оставката на основачот и дотогашен лидер Љубчо Георгиевски. По настаните од „Панорама“ во 2004, кога дојде до физичка пресметка меѓу следбениците на новиот и стариот лидер, Георгиевски формираше своја партија ВМРО-НП, но не успеа да го заземе приматот на главна политичка сила во десниот спектар.

Како можни наследници на Груевски кој влезе во историјата на партијата како претседател со најдолг стаж (14 и пол години), се вртат неколку кандидати, повеќето од нив луѓе од негова најблиска доверба: Илија Димовски, Антонио Милошоски, Никола Попоски и Христијан Мицковски. Покрај овие, досега само Филип Петровски ја има јавно соопштено својата намера да се кандидира за најмоќната фотелја во македонската десница.

Процедурите во партијата велат дека кандидатура за претседател може да поднесе секој што има поддршка од 30 делегати на Конгресот, а ќе биде избран оној за кого ќе гласаат повеќе од половината од вкупно 560 делегати.