ВМРО-ДПМНЕ: Со полицискиот прогон, СДСМ сака да го прикрие својот антимакедонизам

9 декември, 2017 | 15:05 часот | 258 прикажувања |

Македонија не е демократска држава, туку држава на политички затвореници. Уметници, режисери, глумци и архитекти се притвараат за измислен тероризам само затоа што гласно се спротиставуваа на антидржавните политики на Заев, реагираат во денешното соопштение до медиумите од ВМРО-ДПМНЕ.

„Хунтата на Зоран Заев со репресии сака да погази се она што е македонско и патриотско. Сценариото е јасно, преку затворања, прогони и заплашувања сакаат да втераат страв кај сопствениот народ, со цел да можат да ја редефинираат државата и Македонија да добие ново име, фалсификувана историја и срушен унитарен карактер, а за тоа да се молчи. Затоа преку полициската држава која ја инсталираа и неправедниот правосуден систем, вршат политички прогон и одмазда со кои сакаат да ја покријат својата безрбетност и антимакедонизам. Колку и да прогонуваат, колку и да ја фабрикуваат историјата, колку и да ја злоупотребуваат државата тоа идните генерации нема да им го заборават. Народот ќе памети дека патриотите Дурловски, Илиевски, Чавков, Дамовски, Јовановски и триесетина други ги обвинија за тероризам, а лицата кои спроведуваа насилство врз граѓаните ги ослободуваат или најавуваат дека ќе ги ослободат од затворите“, потенцираат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека секое кршење на законите и на уставот, секој обид да се удри по сопствениот народ ќе им се врати како бумеранг. Заев и целата Хунта околу него ќе одговараат. Тоа што се обидуваат да ги продадат ефтино Националните интереси, затскривајќи се притоа зад притворањата, малтретирањата и монтираните случаи, никогаш нема овој народ да им ги заборави. Порано или подоцна ќе одговараат.

„Граѓаните ќе се спротивстават на овој терор и насилие, бидејќи тие ја бранат сопствената држава и нејзиниот уставен поредок. ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните останува на улиците во одбраната на тоа што значи сопствена татковина и нејзини интереси, бидејќи правдата и вистината секогаш на крајот победуваат, а џелатите на сопствениот народ како Заев и Хунтата завршуваат на буништето на историјата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.