Путин: Четвртата светска војна ќе се води со палки и камења

7 јуни, 2018 | 13:54 часот | 1.250 прикажувања |

Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска одговора на прашања од граѓаните во рамките на редовната годишна програма наречена директна линија.

Според службата задолжена за организација, до средата во 12 часот по московско време за претседателот пристигнале повеќе од 1.385.000 прашања.

Повеќето од прашањата биле упатени по телефон – 803.135, а некои корисници пратиле и СМС-пораки (околу 317.000). Имало и 31.500 прашања упатени по ММС.

Првото прашање што водителот на настанот му го постави на Путин се однесуваше на сивата економија на што рускиот претседател изјави дека Русија се движи кон стабилната бела боја.

„Ако зборуваме за такви категории – бела, црна и сива, можам да кажам дека ние се движиме кон стабилната бела боја“, рекол рускиот претседател.

Русија, додал тој, тргна по патот на одржлив економски раст, а тоа го покажуваат и растот во индустријата и земјоделството.

Одговарајќи на прашање за трета светска војна, рускиот лидер потсетил на зборовите на големиот научник Алберт Ајнштајн.

„Јас не знам каков вид оружје ќе доведе до избувнување на трета светска војна, но четвртата би се водела со палки и камења“, рекол Путин и додал дека таква војна би имала разурнувачки ефект за човештвото. „Свеста дека нова светска војна може да значи крај на цивилизацијата мора да нè држи подалеку од глобален конфликт“, рекол тој.

Некои од прашањата упатени до шефот на руската држава се однесувале и на транспортната комуникација со Крим, за состанокот со претседателот на САД, Доналд Трамп, ситуацијата во однос на новинарот Аркадиј Бабченко, кој неодамна исценира сопствено убиство во Киев итн…

извор: Макфакс