Партијата на Бачев бара Совет на политички лидери за решавање на спорот со Грција

9 декември, 2017 | 15:00 часот | 370 прикажувања |

Народно движење за Македонија го смета за недоволно проширувањето на тимот за преговори со Грција разгледувано на вчерашната средба на премиерот Зоран Заев со преговарачот за името, амбасадорот Наумовски, вицепремиерот за евроинтеграција, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, информираат од центарот за односи со јавност на оваа партија.

„Во спорот за името конечната улога ја немаат преговарачките тимови на Македонија и Грција и нивните куртоазни сеанси во изминатите 27 години“, велат од НДМ.

Од партијата посочуваат дека за нив нема дилеми оти во спорот за името треба да се изгради национален консензус бидејќи името не е прашање на една партија или на една влада.

„НДМ го реафирмира своето барање до премиерот Заев да иницира Совет на политички лидери во кој би се изградил единствен македонски став за името како прашање од највисок национален интерес“, стои во соопштението.

Од Народно движење за Македонија потесетуваат дека Совет на грчките политички партии постои уште од појавувањето на проблемот со името на кој бил донесен официјалниот став кој и денеска е во сила од грчка страна.