Стапката на ДДВ за станови останува пет отсто во следните пет години

6 јуни, 2018 | 9:12 часот | 1.072 прикажувања |

Граѓаните ќе можат повторно да поднесуваат барања за приватизација на градежно земијште, а стапката на ДДВ за станови останува повластена пет отсто во следните пет години, изјави  министерот за финансии Драган Тевдовски. Како што рече министерот, направени се законски измени кои ќе излезат во пресрет на барањата на граѓаните.

Пониската стапка требаше да важи до крајот на оваа година, но градежниците  бараа нејзино пролонгирање, со образложение дека ако се врати повисоката од 18 отсто, тоа ќе ги поскапи становите, ќе го намали значајно прометот, а може и да го крахира нивниот бизнис.

„Министерството направи измени и во Законот за ДДВ со кој се продолжува повластената стапка на ДДВ од пет отсто заклучно до 2023 годинa“, вели министерот Тевдовски.

Уште еден проект од старата, ќе го продолжи и новата власт. Граѓаните повторно ќе може да поднесуваат барања за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Со законски измени рокот се пролонгира за плус три години, до крајот на 2021.